Ескобар утре доаѓа во Скопје
Ескобар ќе биде во земјава и в петок, за кога се предвидени најголем дел од средбите. Освен со државно-владиниот врв, Ескобар ќе се сретне и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар, утре доаѓа во посета на Скопје. Ескобар ќе биде во земјава и в петок, за кога се предвидени најголем дел од средбите. Освен со претседателот Пендаровски и премиерот Ковачевски, Ескобар ќе се сретне и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Посетата на Ескобар доаѓа по отпочнувањето собраниската процедура за уставните измени и внесување на Бугарите во Уставот, што е клучно за продолжување на процесот за евроинтеграција на земјава.
Во јули годинава Ескобар, во настапот пред Поткомитетот за надворешна политика на Конгресот на САД, изјави дека американската администрација работи со властите во Софија за Бугарија да не испорачува нови услови.
Американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер вчера повтори дека местото на Северна Македонија е во Европската Унија и дека сите политичари треба да работат на остварување на таа цел.
