куманово

Спомен обележје за загинатите од „Диво насеље“

23.08.2023 13:52

Полицијата одбележува 22 години од формирањето на Единицата за брзо распоредување. Во рамки на одбележувањето кое годинава се одржува во Куманово, се откри спомен-плоча на загинатите припадници, кои ги положија животите во 2015 година во вооружена престрелка со терористичка група во Диво насеље. Годишнината на единицата се одбележува и со низа други активности …

Спомен обележје добија осумте загинати припадници на единицата за брзо распоредување при МВР, кои животите ги загубија во вооружената престрелка со терористичката група во кумановско Диво Насеље во 2015-та година. Спомен плочата која е поставена пред секторот за внатрешни работи во Куманово ја откри министерот Спасовски, во присуство на семејствата на загинатите, највисокото раководство на МВР, претставници на Општина Куманово, политичките партии. Првиот човек на македонската полиција појасни дека спомен плочата е направена заедно со македонскиот полициски синдикат, како потсетник на нивната големина, храброст и жртва. Потенцираше и дека терористичката група ја издржува својата казна. Нагласи дека не може да се разговара за екстрадиција за луѓе кои сакале да ја нарушат стабилноста на државата.

„Исполнивме една света обврска откривање на спомен обележје во чест на припадниците на Тигар и ЕБР. Со тоа го исполнивме нашиот долг но и праќаме порака дека сите оние коишто се вградуваат и се вградиле во темелите на македонската државност треба да бидат почитувани од сите во државата и тоа да биде нивен аманет како треба да ја чуваме Македонија“, истакна Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.

Откривањето на спомен плочата на загинатите припадници е во низата активности на МВР, во рамки на одбележувањето на 22 години од формирањето на Единицата за брзо распоредување.

„Единицата за брзо распоредување е една од најелитните специјални единици во МВР, формирана во 2001 година. Секогаш е на браникот на безбедноста, државата, во заштита на интересите на граѓаните и целиот свој живот секој припадник на оваа единица го посветува на мирот, стабилноста и безбедноста“, дополни Спасовски.

Кумановци имаа можност да видат дел од опремата и активностите на оваа специјална единица.

 

Елена Георгиевска