Мицкоски: Уставните измени се завршена тема, единствен излез се брзи избори
ВМРО-ДПМНЕ не се инаети, 80 проценти од граѓаните се против уставните измени, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски го повтори ставот од пред една година дека и ако еден пратеник од партијата гласа за отворање на Уставот, ќе се повлече од политиката. Уште еднаш побара предвремени парламентарни избори…

Заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар доаѓа во Скопје. Ќе се сретне со претседателот Пендаровски и премиерот Ковачевски, а предвидена е средба и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски вели дека посетата на Ескобар на Македонија е како и секоја претходна од странски дипломати и дека нема промена во ставот на ВМРО-ДПМНЕ. Уставните измени се завршена тема, единствен излез од ќорсокакот се брзи парламентарни избори. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ со предупредување до власта да не ја злоупотребува посетата на Ескобар.
Стравот и паранојата којашто ја искажува Мицкоски за некакви светски заговори, јасно покажува дека станува збор за еден антиевропски политичар, велат од СДСМ. Според партијата, тој по ништо не се разликува од неговиот претходник Никола Груевски, а тоа значи реторика против ЕУ и против НАТО.
Мицкоски се согласува со американската амбасадорка Агелер дека граѓаните се суверен во државата и дека на избори што би се случиле час поскоро треба да се изјаснат за Европската унија, но и да го изберат решението како до тоа „да“ за ЕУ.
Посетата на заменик-помошникот државен секретар на САД доаѓа по нецела недела од почнувањето на пленарната собраниска процедура за усвојување на уставните измени, а гласањето, спикерот Џафери го одложи до обезбедување двотретинско мнозинство.
Во јули годинава Ескобар изјави дека американската администрација работи со бугарските власти да не испорачуваат нови услови и барања откако Македонија ќе ги исполни своите обврски од преговарачката рамка.
Милчо Велески
