Шумски пожари ја пустошат Грција, евакуирани стотици луѓе
Пожарникари од синоќа се обидуваат да го локализираат шумскиот пожар во предградие на Атина. Повторно евакуација на локалните жители поради закана од нови пожари низ земјата. Спасувачите вчера пронајдоа 18 јагленосани тела, за кои се верува дека се мигранти. Пожарникарите во северозападната турска провинција Чанаккале, исто така, се во битка со опасни пожари...

Стотици пожарникари од синоќа се обидуваат да го локализираат шумскиот пожар во предградие на Атина. Уништени се неколку куќи, а огромното жариште и се приближува на планината Парнита каде што се наоѓа и радарската база на грчкото воено воздухопловство. И, повторно евакуација на локалните жители поради закана од нови пожари низ земјата. Северно од Атина, во три домови за стари лица, беа евакуирани речиси 150 луѓе.
„Ова жариште не постоеше пред пет минути. Штотуку се појави. Не знам што се случува“, рече локален жител.
„Зар не требаше да го изгаснат пожарот вчера?“-рече локален жител.
„Целиот наш живот исчезна во воздух! Погледнете, се гори!“-рече жител.
„Пекол! Го видов, и останав без памет!“-рече локален жител.
„Остануваме будни доколку треба да интервенираме, возилото е тука со контејнери за вода“, изјави жител.
Викендов 20 лица загинаа во пожарите што избувнаа во северна Грција. Спасувачите вчера пронајдоа 18 јагленосани тела, за кои се верува дека се мигранти, во рурална област во близина до шумата Дадија во северниот регион Еврос. Рутата која граничи со Турција е многу популарна кај луѓето од Блискиот Исток и Азија кои сакаат да стигнат до земјите на ЕУ.
„Во шумскиот пожар во Александрополис, противпожарната служба во поширокото подрачје на Авантас, во близина на викенд-куќа пронајде осумнаесет тела. Нема пријави за исчезнати жители од околните места и се истражува можноста дека станува збор за лица кои илегално влегле во земјава“, изјави Јанис Артопиос, портпарол на Противпожарната бригада.
Пожарникарите во северозападната турска провинција Чанаккале, исто така, се во битка со опасни пожари. Пламените јазици го затворија турскиот теснец Дарданели за поморски сообраќај во двете насоки. Теснецот е и историски значаен премин кој го поврзува Егејско со Црно Море и е витален пат за бродскиот сообраќај меѓу Европа и Азија.
Маријана Димовска
