Русија

Командантот на „Вагнер“ Евгениј Пригожин загина во авионска несреќа

23.08.2023 21:32

Командантот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин загина во авионска несреќа-јавуваат светските медиуми. Авионот се урнал во близина на Москва. Федералната руска управа за авијација започна истрага за несреќата. Шефот на платеничката група Вагнер, Пригожин водеше неуспешен бунт против руските вооружени сили во јуни годинава...

Евгениј Пригожин загина во авионска несреќа во Русија-јавуваат светските медиуми. Со него загинаа уште девет лица. Транспондерите на авионот што се урна северно од Москва престанаа да испраќаат податоци околу 18:11 часот по локално време, покажуваат податоците на FlightRadar24.

Според руската агенција Тасс, авионот кој летал од Шереметјево кон Санкт Петербург се урнал во регионот Твер, се запалил при удар на земјата. Предходно авионот летал помалку од половина час. Федералната руска управа за авијација започна истрага за несреќата

Одделот извести дека на списокот на патниците во авионот бил и Евгениј Пригожин. Пронајдени се 8 тела-јавува Би-би-си. Медиумите поврзани со „Вагнер“ сугерираат дека руски противвоздушен проектил го соборил авионот.

Телеграмскиот канал „Греј зона“ поврзан со „Вагнер“ објави дека авионот „Ембраер“ бил соборен од воздушната одбрана во регионот Твер, северно од Москва. Греј зона информираат дека локалните жители слушнале два удари пред несреќата.

Инаку деловниот авион е под американски санкции од 2019 година поради поврзаноста со Пригожин. Беше објавено дека командантот на „Вагнер“ често го користел авионот.

Евгениј Пригожин е основач на групата „Вагнер“. Платениците од „Вагнер“ беа клучни во освојувањето на украинскиот град Бахмут. Пригожин подолг период го критикуваше руското воено раководство.

Работите кулминирале кон крајот на јуни, кога борците на Пригожин го зазедоа Ростов по што се упатија кон Москва. По кратките преговори беше одлучено Вагнерите, кои не се приклучуваат на руската армија, да бидат амнестирани и префрлени во Белорусија.

 

 

Марина Стојанова Тонева