ЕБР

Спасовски: Секогаш и секаде припадниците на ЕБР демонстрираа силна професионална посветеност во зачувувањето на мирот и безбедноста на татковината

23.08.2023 21:38

Со Свечена церемонија пред Градскиот базен во Куманово беше одбележан 23. август – Денот на Единицата за брзо распоредување и 22 години од формирањето на оваа елитна единица при Министерството за внатрешни работи, во присуство на граѓаните на Куманово, највисокото раководство на МВР, министри, пратеници, претставници на државни институции и локалната самоуправа, раководството на Македонскиот полициски Синдикат, како и претставници на семејства на загинати и починат припадници на ЕБР...

Вечерва, со Свечена церемонија пред Градскиот базен во Куманово беше одбележан 23. август – Денот на Единицата за брзо распоредување и 22 години од формирањето на оваа елитна единица при Министерството за внатрешни работи, во присуство на граѓаните на Куманово, највисокото раководство на МВР, министри, пратеници, претставници на државни институции и локалната самоуправа, раководството на Македонскиот полициски Синдикат, како и претставници на семејства на загинати и починат припадници на ЕБР. Во рамки на одбележувањето на 22 години ЕБР, во кругот на СВР Куманово министерот Спасовски заедно со раководството на МВР го откри Спомен обележјето на осумте загинати припадници на македонската полиција кои ги положија животите во 2015 година, во вооружена престрелка со терористичка групација во кумановско „Диво Насеље“, а во одбрана на Куманово и татковината. Исто така, од 09:30 до 12:30 часот граѓаните имаа можност да се уверат во концептот „МВР за ГРАЃАНИТЕ“, со поставена опрема на македонската полиција во Градскиот парк во Куманово.

Командантот на Единицата за брзо распоредување, Вице Столески, во своето обраќање пред присутните даде свое видување за работата на Единицата. „Припадниците на ЕБР, кои се дел од Одделот за специјални полициски операции, се висококвалификувани и обучени за најтешките задачи. Тие се активираат секогаш и секаде каде што е потребно највисоко ниво на оперативна ефикасност. Подготвени во најкус можен рок да извршат задачи со висок ризик и со највисок степен на прецизност, свесни за фактот дека кога се активирани, не постои никој друг што би можел да дејствува освен нив. истакна командантот Столески. Притоа, тој ги поздрави семејствата на загинатите и починати припадници на Единицата за Брзо распоредување и им оддаде длабока почит во свое име и во име на припадниците на ЕБР, за жртвата која нивните најмили ја дадоа при извршување на работните задачи во Единицата – Единицата за брзо распоредување никогаш не ги заборава делата на своите херои.Споделувајќи ги спецификите за работата, командантот Столески се осврна и на условите за работа на Единицата.

На свеченоста беа доделени и плакети од страна на командантот на единицата Вице Столески и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, за континуирана поддршка во напорите за унапредување и осовременување на капацитетите на Единицата.

Плакети добија Началникот на Одделот за специјални полициски операции г. Митко Даневски за развој и афирмација на Единицата, претседателот на Македонскиот полициски синдикат г. Марјан Кицев за успешна соработка и поддршка во подобрување на правата на припадниците во Единицата. Плакети за 20 години успешна работа во ЕБР добија Командантот Вице Столески, заменик командантот Тони Стојоски, Владимир Стефановски, Беким Кадри, Ивица Величковски, Артан Арифи, Далибор Ѓорѓевски, Лилјана Илиќ и Срѓан Ристовски. Плакета за најдобар припадник во Единицата за брзо распоредување за 2023 година доби Небојша Костоски. Воедно, беа доделени плакети за поддршка во проекти за подобрување на капацитетите на Единицата.

Во чест на Денот на Единицата за брзо Распоредување, свеченоста беше затворена со културно – уметничка точка во изведба на Културно-уметничкото друштво „Панче Пешев“ од Куманово.