Продолжува ангажирањето на припадниците на АРМ во Обреновац

22.05.2014 14:06

Изминативе два дена нивна основна задача е испумпување на водата во пониските точки на Обреновац и создавање на услови за започнување со отстранувањето на последиците и штетата која во големи размери му е нанесена на овој град во Република Србија...

Продолжува ангажирањето на припадниците на АРМ кои се распоредени за давање помош во поплавените подрачја во Обреновац и неговата околина, соопштуваат од АРМ.

Изминативе два дена нивна основна задача е испумпување на водата во пониските точки на Обреновац и создавање на услови за започнување со отстранувањето на последиците и штетата која во големи размери му е нанесена на овој град во Република Србија.

Пумпите за отстранување на водата и агрегатите од АРМ, кои се ставени во употреба за снабдување со електрична енергија на поважни објекти во акцијата за помош и спасување на Обреновац, претставуваат значаен придонес во заедничките напори за одбрана од поплавите и враќање на животот во ова место.

Припадниците на АРМ задачите ги извршуваат исклучително  професионално и во отежнати услови, а нивното ангажирање е во склад со потребите и барањата на властите во Република Србија, со кои имаат одлична соработка.

Во изминатиот период, тие покажаа огромна хуманост и подготвеност за делување во услови на природни катастрофи од големи размери.