Ескобар денеска во Скопје на средби со државниот врв и лидерот на опозицијата Мицкоски
Доаѓањето на Ескобар во Скопје следува по започнувањето на собраниската процедура за усвојување на уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот како услов земјава да ја одржи втората меѓувладина седница и да ги продолжи преговорите со Европската Унија.

Заменик-помошникот државен секретар на САД Габриел Ескобар денеска доаѓа во дводневна посета на земјава. Ескобар денеска ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски, а се очекува да има средби и со премиерот Димитар Ковачевски, како и со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Доаѓањето на Ескобар во Скопје следува по започнувањето на собраниската процедура за усвојување на уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот како услов земјава да ја одржи втората меѓувладина седница и да ги продолжи преговорите со Европската Унија.
Високиот американски дипломат во дебата за Западен Балкан во Конгресот на САД, одржана во текот на јули годинава, изјави дека САД силно го поддржуваат процесот на уставните измени и се ангажирани со новата влада во Софија да осигураат дека нема да поставува нови барања на европскиот пат на земјава.
Пленарната седница за Предлогот за пристапување кон измена на Уставот почна на 18 август. Дневниот ред беше усвоен со 70 гласа „за“, а по исцрпувањето на дискусијата, претседателот на Собранието Талат Џафери го одложи гласањето до обезбедување двотретинско мнозинство.
