Филм

„Мементо“ на Османли пред њујоршката публика

24.08.2023 09:01

Долгометражниот филм „Мементо“ на Димитрие Османли дел од ретроспективата на Југословенскиот филмски црн бран во МОМА…

Од 7-ми до 21-ви септември во Музејот на модерна уметност (МОМА) во Њујорк ќе се одржи ретроспектива на југословенскиот филмски црн бран насловена како „Од црн бран до бел зрак“. Селекцијата на репрезентативни филмови ја подготвија Мина Радовиќ, млад филмски критичар, кустос и архивист, како надворешен соработник, и Дејвид Кер, куратор во Одделението за филм во МОМА, а во соработка со кинотеките од регионов – Југословенската, Босанската, Македонската и Хрватската, како и со Словенечкиот филмски центар.

Покрај македонскиот „Мементо“ на Димитрие Рули Османли, во рамки на оваа ретроспектива ќе бидат прикажани уште 14 други наслови од југословенската кинематографија снимени во периодот од 1961-ва до 1968-ма година.

„Мементо“ е втор игран филм на Османли (1927, Битола - 2006, Скопје), еден од пионерите на македонската професионална и организирана филмска продукција. Во текот на својот работен век ги има снимено „Жед“ (1971) и „Ангели на отпад“ (1995), како и првата македонска филмска комедија „Мирно лето“ (1961), а режирал и бројни ТВ и радио-драми, тв-серии, музичко-забавни емисии, театарски претстави, кратки филмови и репортажи. Автор е и на неколку сценарија, а неговиот краткометражен „Бунт на куклите“ (1957) минатата година беше прикажан на реномираниот фестивал Il Cinema Rittrovato во Болоња, Италија, како дел од програмата подоготвена од истиот Радовиќ кој стои зад циклусот на Југословенскиот црн бран во МОМА .

На веб-страницата на МОМА, за „Мементо“ на Османли ќе напишат дека филмот „...зборува за совеста и се карактеризира со една од најдобрите монтажи некогаш изведени на целулоидна филмска лента“, како и дека силно потсетува на делата на францускиот филмски мајстор Алан Рене. „Земајќи го земјотресот како појдовна точка за критички размислувања за различни прашања како што се Холокаустот, нуклеарните катастрофи и Виетнамската војна – Мементо претставува калеидоскоп на 20-от век, а воедно и лична потрага по мир во овој бурен свет“.

Филмот е снимен во 1967-ма година, вдаховен од „Рапсодијата за Скопје“ за пијано и симфониски оркестар (1966) на композиторот и диригент Александар Џамбазов. Токму со ова музичко дело треба да настапи и германскиот диригент Вили Милер, еден од главните ликови во филмот, кога се враќа во Скопје неколку години по земјотресот. Повторно се среќава со Јана, која ја запознал како студентка и некогаш со неа поминал убави и безгрижни денови запознавајќи го градот. Ќе се испостави дека заминал ден пред да се случи земјотресот и воопшто не знаел за судбината и семејната трагедија на неговата пријателка. Сега, кога се среќаваат по неколку години, нивните разговори се исполнети со реминисценции кон минатото, со размислувања за смислата на постоењето, за личните и светските трагедии. За сопствената и за болката на целиот свет, за „мрачната страна на човечкото искуство“- информираат од Кинотека на Северна Македонија.