„Вагнер“ најави брутална одмазда по смртта на Пригожин
Реакции и закани по смртта на командантот на „Вагнер“, Пригожин по падот на авионот во близина до Москва. Телеграмските канали поврзани со него најавија брутална одмазда. Во тек е истрагата на Федералната руска управа за авијација...

По смртта на шефот на приватната воена компанија, Евгениј Пригожин, Телеграмските канали поврзани со Вагнер најавија брутална одмазда. Рускиот истражен комитет отвори кривична истрага по падот на авионот северно од Москва. Приватниот авион во сопственост на компанијата „Вагнер“ се урна на пат од Санкт Петерсбург до Москва. Во авионот, имало седум патници и тројца членови на екипажот. Официјални претставници на компанијата соопштија дека нивниот шеф Евгениј Пригожин е меѓу десетмината на листата патници.
„Деловен авион на пат од Москва за Санкт Петербург се урна во регионот Твер. Десетте лица кои се наоѓале во авионот наводно загинаа. Се преземат активности за утврдување на причините за несреќата“, изјави Светлана Петренко, портпаролка на рускиот Истражен комитет.
Не стивнуваат реакциите по падот на воздухопловот. Поранешен општински заменик во еден од руските региони му оддаде почит на началникот на платениците. Тој рече дека дури и да се потврди смртта на Пригожин, Вагнер нема да престане да постои.
„Целата земја тагува за денешниот терористички напад. Персоналот на Вагнер почина денеска како резултат на одвратен терористички напад. Но, треба да имаме на ум дека кога одиме да се бориме, сите ги разбираме ризиците од губење на својот и животот на своите пријатели. „Вагнер“ отсекогаш бил контролиран од Советот на команданти“, изјави Дмитриј Петровски, поранешен општински заменик.
Според светските медиуми, смртта на Пригожин е инсценирана, за многумина дело на рускиот претседател, а некои дури велат оти Пригожин си потпишал смртна казна кога поверувал во гаранциите на Лукашенко и чесниот збор на Путин. Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека не е изненаден од извештаите.
„Ме прашавте за ова и реков дека ќе внимавам што пијам да сум Пригожин. Не знам точно што се случи, но не сум изненаден. Нема многу нешта што се случуваат во Русија зад кои Путин не стои. Но, не знам доволно за да го знам одговорот на тоа“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.
62-годишниот Пригожин од затвореник и продавач на брза храна, до сопственик на елегантен ресторан во Санкт Петербург, а потоа од војник во бојното поле во Украина беше еден од најгласните говорници за случувањата на фронтот. По краткотрајниот бунт против претставниците на одбраната во Русија за првпат се појави во јавноста на 22-ри август. Во последното видеообраќање истакна дека работат на температура од 50 степени Целзиусови над нулата додека „Вагнер“ спроведува активности за извидување и пребарување, правејќи ја Русија уште поголема на сите континенти и ја прави Африка уште послободна.
Маријана Димовска
