Партии

Јаневска: Новата учебна година повторно ќе почне без учебници

24.08.2023 11:49

Според партијата, на само седум дена пред почетокот на новата учебна година, владата тајно донесе решение за насоки за планирање, организација и реализација на наставата од прво до шесто одделение, за унапредување на образованието во Македонија.

Новата учебна година повторно ќе почне без учебници, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ. Според партијата, на само седум дена пред почетокот на новата учебна година, владата тајно донесе решение за насоки за планирање, организација и реализација на наставата од прво до шесто одделение, за унапредување на образованието во Македонија.

„Откако измислија интегрирани предмети, природни и општествени, сега откако видоа дека Концепцијата е неспроведлива, што ние 3 години го тврдиме, воведуваат модули. Во историја и општество има модули историја, географија и граѓанско образование. Историја во 6то одделение ќе се предава во прво полугодие со 62 часа. Географија на почеток на второ полугодие до мај со 36, а граѓанско образование на крај со 10 часа“, изјави Весна Јаневска, претседател на Комисија за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ го повикаа министерот за образование и наука веднаш неодложно, уште денес да ги поништи трите документи: Новата програма за унапредување на образованието, Насоките за планирање, организација и реализација на настават од прво до шесто одделение во 2023/2024 година и решението за насоките.