Русија

Руските власти ја потврдија смртта на Пригожин

24.08.2023 13:04

Водачот на руските платеници, Пригожин, бил во приватниот авион што синоќа се урна северно од Москва, потврдија руските власти. Молк во Кремљ. Реакиците во светот не стивнуваат. Вагнер со закани за брутална одмазда...

Телата на загинатите во авионската несреќа во Русија, во областа Твер пристигнаа во Регионалното биро за судски медицински испитувања. Воздухопловот со седум патници и тројца членови на екипажот се урна на пат од Санкт Петербург до Москва. И натаму молк во Кремљ за падот на авионот на „Вагнер“ во кој беше и шефот на компанијата Евгениј Пригожин и командантот Дмитриј Уткин. Вагнеровци преку социјалните мрежи се заканија со одмазда.

„Не знам како да ги изберам вистинските зборови во моментов, бидејќи го изгубивме нашиот командант. Двајца наши команданти изгубивме. Сè уште имаме дополнителни команданти на кои мораме да им бидеме послушни. Продолжуваме да постапуваме според нашите внатрешни прописи на „Вагнер“, рече член на „Вагнер“.

„Ние чекаме инструкции. Не одржуваме никаков собир. На нашиот телеграмски канал на групата „Вагнер“, можете да видите се таму. Само што имавме комеморативен митинг во Москва. Да го поддржиме Евгениј Пригожин, нашиот командант. Ни треба вашата поддршка во моментов“, изјави член на „Вагнер“.

Претходно, рускиот истражен комитет отвори кривична истрага.

„Деловен авион на пат од Москва за Санкт Петербург се урна во регионот Твер. Десетте лица кои се наоѓале во авионот најверојатно загинаа. Се преземат активности за утврдување на причините за несреќата“, изјави Светлана Петренко, портпаролка на рускиот истражен комитет.

Според светските медиуми, смртта на Пригожин е инсценирана, за многумина дело на рускиот претседател, а некои дури велат оти Пригожин си потпишал смртна казна кога поверувал во гаранциите на Лукашенко и чесниот збор на Путин. Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека не е изненаден од извештаите.

„Ме прашавте за ова и реков дека ќе внимавам што пијам кога би бил Пригожин. Не знам точно што се случи, но не сум изненаден. Нема многу нешта што се случуваат во Русија зад кои Путин не стои. Но, не знам доволно за да го знам одговорот на тоа“, изјави Џозеф Бајден, претседател на САД.

62-годишниот Пригожин по краткотрајниот бунт против претставниците на одбраната во Русија првпат се појави во јавноста на 22-ти август. Во последното видеообраќање истакна дека работат на температура од 50 степени над нулата додека спроведуваат активности за извидување и пребарување правејќи ја Русија поголема, а Африка послободна.

 

 

Маријана Димовска