Ескобар на средби со државно-политичкиот врв
Заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар во Скопје. Ќе има средби со претседателот Пендаровски и со премиерот Ковачевски. Американскиот дипломат ќе разговара и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. И додека Мицкоски ја обвинува власта дека ја моли меѓународната заедница да врши притисок, Ковачевски со став неосновано опозицијата зборува за светски заговори против државата…

Посетата на високиот американски дипломат Габриел Ескобар доаѓа во време на високи политички превирања кога измената на Уставот, повеќе од било кога, е во фокусот на политичките збиднувања. Засега е извесно дека Ескобар за време на дводневната посета ќе сретне со државно владиниот врв, односно со претседателот Пендаровски и премерот Ковачевски, а најавена е и средба со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.
Во пресрет на утрешната средба, премиерот Ковачевски вели дека земјата се наоѓа пред важна одлука, а уставните измени, така како што се скроени, не предизвикале турболенции или негативни коментари. Смета дека неговите опоненти неосновано зборуваат за светски заговори против државата.
Од ВМРО-ДПМНЕ со непроменет став во однос на уставните измени. Велат дека аргументирано ја бранат позицијата на огромното мнозинство граѓани. Вели дека власта ја моли меѓународната јавност да дојде во Македонија и да врши притисок врз ВМРО-ДПМНЕ, но како што рече тоа нема да успее. Мицкоски повтори дека предвремени избори се излезно решение и повика на лидерска средба да се договори термин за избори.
За денес попладне е најавена средба со претседателот Пендаровски и американскиот дипломат Ескобар. Од Стејт департментот велат дека тој се надева на продуктивни дискусии со домаќините, а ќе се разговара билатерални и регионални прашања поврзани со евроинтеграциите и просперитетот на Западен Балкан.
Посетата на Ескобар следува откако плејада европски и западни дипломати ја посетија земјава со порака дека уставните измени се неопходни за продолжат евроинтеграциите, но и дека преговарачката рамка не може да се менува.
Во однос на прашањето за уставните измени, американската дипломатија не го менува ставот. Во една од последните изјави, Ескобар рече дека не бараат опозицијата да го поддржи премиерот, туку европскиот пат на земјава и дека најголема грижа на Вашингтон е да не се губи време со одолговлекување на уставните измени.
Анита Димитријевска-Велковска
