МТСП

Влез на дополнителни 74 деца во предучилишниот процес со изградбата на новиот објект на детската градинка „Гоце Делчев“ во Пробиштип

24.08.2023 13:28

На отворањето на новиот објект што ќе функционира во состав на градинката „Гоце Делчев“ во Пробиштип присуствуваше и претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски...

Жителите на Пробиштип добиваат дополнителен објект на градинката „Гоце Делчев“, со кој на уште 74 дечиња до шест-годишна возраст од овој град им се овозможува пристап до квалитетна социјална услуга за ран детски развој.

Во изградбата и опремувањето на новиот објект, што ќе го носи името „Срничка“, се вложени над 31 милион денари. На отворањето на новиот објект што ќе функционира во состав на градинката „Гоце Делчев“ во Пробиштип присуствуваше и претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски.

Оваа доградба е дел од вкупно 16-те нови детски градинки чија изградба се реализира преку компонентата 2 од Проектот за подобрување на социјалните услуги што го имплементира Министерството за труд и социјална политика, со поддршка од Светска Банка, како интегрален дел од севкупната социјална реформа на Владата, соопштуваат од МТСП.

Покрај зголемувањето на капацитетите за згрижување на децата, изградбата на новиот објект овозможи и отворање на 25 нови работни места за стручен персонал кој ќе се грижи и ќе учествува во воспитниот процес на децата.

Инаку, новиот објект „Срничка“ во Пробиштип, како и останатите градинки во рамки на Проектот за подобрување на социјалните услуги, е изграден според најсовремени стандарди за ваков вид објекти, вклучувајќи ја и неговата енергетска ефикасност.

Доградбата вклучува две нови простории – јасли, за згрижување на деца до двегодишна возраст, како и две нови простории за згрижување на деца од две до шест години кои се опремени со нови дидактички материјали, мебел и друга современа опрема која овозможува безбеден престој на децата и ефективно учење низ игра, информираше директорката на градинката „Гоце Делчев“, во чии состав ќе биде и доградбата „Срничка“, Љупка Јаневска.

Компонентата 2 од Проектот за подобрување на социјалните услуги, во чии рамки се реализира изградбата на оваа доградба, има за цел да го зголеми пристапот до квалитетни услуги за ран детски развој, преку подобрување на услугите за предучилишно образование, зголемување на пристапот до квалитетни и енергетски ефикасни предучилишни установи и обезбедување на најдобри можности за учење и образование, соодветно на возраста на децата. Во рамки на оваа компонента, се спроведуваат и активности за зголемување на квалитетот на услугите во предучилишните установи преку унапредување на наставните програми, обуки на кадарот и поттикнување на родителите и семејствата за поддршка на холистичкиот пристап во развојот на децата.