Македонија

Месецов во Дојран, Гевгелија и Струмица откриени 50 мигранти кои нелегално влегле во земјава

24.08.2023 14:09

Месецов кај Дојран, Гевгелија и Струмица откриени 50 мигранти кои нелегално влегле во земјава. За првите два случаи откриени се криумчарите и против нив поднесени се кривични пријава додека за случајот во Струмица МВР сè уште трага по возачот чие возило излета од коловозот …

На почетокот на месецов во Дојран откриени 25 мигранти кои пеш ја поминале државната граница а ги организирал државјанин од Египет кој е приведен. На 12-ти август на излез од Гевгелија српски државјанин фатен како во патничко возило превезува 8 мигранти. Завчеравечер патничко возило „туарег“ со 17 мигранти удри во семафор на раскрсница во Струмица. Две лица завршија во болница.

МВР соопшти дека против лице од скопско Блаце е поднесена кривична пријава и дека се преземаат мерки за пронаоѓање на возачот кој веднаш по инцидентот го напушти ова место. Мигрантите откриени овде но и во Дојран и Гевгелија во земјава влегле од соседна Грција.

Според командирот на РЦ Југ најголем предизвик за македонските полициски службеници но и за припадниците на ФРОНТЕКС е обидите на криумчарите да бегаат со моторните возила.

За првите шест месеци од годинава откриени се 36 случаи на криумчарење на 286 мигранти при што против 28 лица се поднесени кривични пријави за криумчарење мигранти и соизвршителство. Споредбено со истиот период лани криумчарењето миграните е намалено за 16.3 отсто.

 

Ване Трајков