Почна да функционира првата од низата најавени реформи во примарното здравство
Стартуваа реформите во примарното здравство. Од утрината нема проблем со новиот систем велат матичните лекари кои почнаа со издавање на терапијата за пет хронични болести. Здравствените власти најавија дека за еден месец ќе почне да се проширува листата на лабораториски услуги кои ќе ги вршат матичните лекари. За таа цел тие веќе ги добија протоколите по кои ќе треба да работат за дијагноза, превенција и лекување на болестите. Упатства ќе добијат педијатрите и гинеколозите...

Матичните лекари почнаа да ги препишуваат лековите за астма, хоб, висок крвен притисок, дијабетес и болести на тироидната жлезда што досега одеа преку специјалист. Почнаа реформите во примарното здравство. Се работи по новите протоколи за лекување на петте хронични болести. Докторите по семејна медицина велат, на овој начин ќе имаат поголем увид и контрола врз болеста на нивните пациенти. Бараат доекипирање и додатни здравствени помагала.
Реформата не е само на хартија туку навистина функционира, тврди министерот за здравство Меџити. Вели целта е да се намали притисокот врз секундарното и терцијарното здравство. Најави дека ќе се проширува листата на лекови, а наскоро матичните лекари ќе имаат ингеренции да прават и дополнителни лабораториски испитувања.
Од Здружението на матични лекари велат за оваа реформа да заживее потребно е да се променат и анексот на договорот со фондот за здравство и буџетското финансирање. Протоколите за лекување се веќе објавени во службен весник. Упатства ќе добијат и педијатрите и гинеколозите. Досега беа обучени 700 лекари. Реформите според најавите на здравствените власти ќе одат етапно, а ќе завршат до 2025.
Викторија Милевска
