Уставни измени

Ковачевски и Мицкоски со заострена реторика пред средбите со Ескобар

24.08.2023 14:18

Заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар во Скопје. Ќе има средби со претседателот Пендаровски и со премиерот Ковачевски. Американскиот дипломат ќе разговара и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. И додека Мицкоски ја обвинува власта дека ја моли меѓународната заедница да врши притисок, Ковачевски со став неосновано опозицијата зборува за светски заговори против државата…

Посетата на високиот американски дипломат Габриел Ескобар ја подгреа реториката околу уставните измени. И додека за премиерот Ковачевски теории на заговор не постојат, Мицкоски укажа на притисоци од меѓународниот фактор. Премиерот вели-сега е време за одлуки. Ако не реагираме, ќе останеме во чекалната. Според Ковачевски нема алтернатива за европскиот пат, а тие што се против – не понудиле решение.

Американската дипломатија во однос на уставните измени е прилично јасна – не очекуваат опозицијата да ги поддржува политиките на премиерот, но очекуваат да биде ориентирана кон европската иднина.

Посетата на Ескобар следува откако плејада европски и западни дипломати ја посетија земјава со порака дека уставните измени се неопходни за да продолжат евроинтеграциите, но и дека преговарачката рамка во оваа фаза не може да се менува.

И додека власта организира интензивна кампањата за потребата од уставни измени, опозицијата останува на свое – поддршка во Собранието нема да има. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели дека власта ја моли меѓународната јавност да дојде во Македонија и да врши притисок врз неговата партија, но како што рече – тоа нема да успее.

Дебатата за иницијативата за уставни измени е исцрпена. Собранискиот спикер Џафери ја прекина седницата, а гласањето го одложи до обезбедување на потребното двотретинско мнозинство.

Анита Димитријевска – Велковска