Тетово

Граѓаните од полошко трет ден се гушат во загаден воздух

24.08.2023 14:29

Не стивнува пожарот кај депонијата кај тетовска Волковија, граѓаните од полошко трет ден се гушат. Од Државниот инспекторат за животна средина, велат дека истражуваат дали концесионерот на депонијата постапувал согласно законот и согласно дадените дозволи за работа …

Чадот од депонијата кај тетовска Волковија не стивнува. Со земја за затрупуваат последните делови од локација за целосно ликвидирање на пожарот.

Граѓаните од полошко трет ден се гушат во загаден воздух поради пожари на депонии, но не за прв пат.

Се палеа депонии на влезот во Тетово, во гостиварско Русино. Сето ова го отвори прашањето колку овие депонии кои ги управуваат јавни претпријатија работаат со стандарди. Елмедина Абдулахи од невладината „Подобро за Тетово“ воопшто не се запазуваат минимум условите на депониите кои се потенцијални еколошки бомби, а се почесто експлодираат.

Објавените снимки и фотографии од депонијата кај тетовска Волковија која е дадена на приватен концесионер, доволно говорат дека таа работела без стандарди. Не е оградена сметот се истура на земја, загадувајќи ја почвата, воздухот и подземните води.

Од Државниот инспекторат за животна средина, велат дека истражуваат дали концесионерот на депонијата постапувал согласно законот и согласно дадените дозволи за работа.

„Концесионерот имал дозвола само за третман на хартија, пластика и железо, а комунален смет не смеел да третира таму. Дали носел комунален отпад од општините со кои имал склучено договор, а требал да го носи овој отпад во депонија Русино, тоа ќе го провериме дополнително и доколку утврдиме дека има такво нешто, ќе има соодветна санкција, забрана за работа согласно Законот за управување со отпад и Законот за животна средина“, информираа од Државниот инспекторатот за животна средина.

Ниту останатите депонии во полошко работаат според стандарди.

На станицата кај тетовско Фалише сметот пред да се однесе во регионалната депонија Русино наместо да се претовара во посебни контејнери се истура на земја.Од ЈП Тетово велат дека со поделбата претпријатието на повеќе сектори, се очекува да се воведат подобри услови за работа.

Од Министерството за животна средина, се пофалија дека се работи на воспоставување на стандарди за работа на регионалните депонии.

„Интензивно се работи на воспоставување на регионалните системи за управување со отпад во сите плански региони. Најнапред се Источниот и Североисточниот плански регион за кои се очекува објавување на тендерот за градба. За Скопскиот регион, ревидирање на техничката и тендерска документација ќе се врши со техничка помош од ИПА 3 програмата“, додаваат од Министерството за животна средина.

 

Зоран Димовски