Од денеска Армијата е побогата за 120 нови подофицери и 150 професионални војници
Денеска во касарната „Алексо Дамниевски Бауман“ во Велес се одржа свечена церемонија за промоција на 120 подофицери и свечена заклетва на 150 професионални војници. На свеченоста присуствуваа и се обратија министерката за одбрана Славјанка Петровска и Заменикот на Началникот на Генералштабот Генерал-мајор Азим Нуредин...

Денеска во касарната „Алексо Дамниевски Бауман“ во Велес се одржа свечена церемонија за промоција на 120 подофицери и свечена заклетва на 150 професионални војници. На свеченоста присуствуваа и се обратија министерката за одбрана Славјанка Петровска и Заменикот на Началникот на Генералштабот Генерал-мајор Азим Нуредин.
Армиските припадници од редовите на професионалните војници кои ja поминаа тримесечна обука за подофицери во Командата за обука и доктрини, денес беа промовирани во прв подофицерски чин, а новите професионални војници ја положија своја заклетва.
Министерката Славјанка Петровска на новите подофицери им порача дека секој којшто пристапува кон војничката професија има единствена мисија, да и служи на својата татковина и на својот народ затоа што војничката професија претставува голема жртва но и највисока чест, а да се носи униформа на земја членка на НАТО е дополнителна одговорност.
Министерката истакна дека градењето на отпорност како еден од клучните концепти на НАТО Алијансата секогаш треба да започне со личен пример додавајќи дека подготвеноста брзо, ефикасно и одлучно да реагираме на секоја ситуација всушност ја покажува и нашата подготвеност да ги одбраниме вредностите кои ги споделуваме и да ги заштитиме државата и граѓаните.
Заменик началникот на Генералштабот, генерал – мајор Азим Нуредин посакувајќи им успешен професионален развој на новите подофицери и новопримените професионални војници им порача со беспрекорно извршување на идните задачи и должности, достојно да ја претставуваат Армијата и државата.
На свеченоста им беше оддадено признание на тројцата најдобро рангирани подофицери, водник Димче Вакадински, водник Филип Анѓеловски, водник Александар Трајковиќ.
По повод произведувањето на нови подофицери и свечената заклетва на професионални војници на свеченоста присуствуваа и Началникот на штаб на командата за операции бригаден – генерал Мирче Ѓоргоски, претставници од кабинетот на Претседателот, командантите на Единици од Армијата, претставници од Командата за обука и доктрини, роднини и пријатели на професионалните војници и новопроизведените подофицери.
