Скопје

Средба Ескобар – Пендаровски

24.08.2023 18:52

Во вила Водно се одржа средбата меѓу македонскиот претседател Стево Пендаровски и специјалниот американски пратеник за западен Балкан, Габриел Ескобар. Потврдена е американската поддршка на македонските евроинтеграции. Заменик – помошникот на државниот секретар очекува дека Македонија ќе ги преземе потребните чекори за полноправно членство во Европската унија. За средбата и за спротивставените ставови на премиерот Ковачевски и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски...

Евроинтеграциите во фокусот на состанокот Ескобар – Пендаровски. Вашингтон очекува дека земјава да го продолжи патот кон полноправно членство во ЕУ – ова е сублиматот од едночасовната средба на американскиот дипломат Габриел Ескобар со шефот на државата Стево Пендаровски. Во кусото соопштение од претседателскиот кабинет наведено е дека претседателот Пендаровски ја истакнал важноста на поддршката којашто САД ја даваат за остварување на стратешките цели на нашата држава, а се разговарало и за следните чекори коишто треба да ги преземе државава за да напредува во евроинтегративниот процес.

Во однос на домашната политичка сцена-ставовите на власта и на опозицијата не се променети, но е засилена реториката.

Според премиерот Ковачевски пласирањето тези за светска завера во земјава, во ниту еден случај не им оди во прилог на граѓаните ниту на државата, освен на политичката кариера на оној што тоа го кажува.

Од друга страна Мицкоски тврди дека неможноста Владата да го испорача ветеното, ги обврзува сега да коленичат пред меѓународната заедница да се изврши притисок врз ВМРО-ДПМНЕ. На евентуална лидерска средба може да се разговара единствено за предвремени избори-рече лидерот на опозицијата.

Во текот на дводневната посета во земјава заменик помошникот државен секретар на САД Ескобар ќе се сретне и со Ковачевски и со Мицкоски.

 

 

Марина Стојанова Тонева