Здравство

Меџити: Над 1.000 рецепти за хронична терапија препишани за еден ден, реформата одлично функционира

25.08.2023 11:39

Со новата реформска мерка пациентите со дијабетес, астма, ХОББ, намалена функција на тироидна жлезда и хипертензија, не мора да одат на Клиника за да им се продолжи или да им се препише хронична терапија...

Министерот за здравство Меџити денеска ја посети поликлиниката Јане Сандански во Скопје, каде разговараше со дел од матичните лекари и пациенти во врска со предностите од новата реформска мерка во Примарната здравствена заштита (ПЗЗ). Во рамки на посетата, Меџити го посети и интерниот оддел на Поликлиниката каде најмногу се гледаат предностите од новата реформа.

„Имаме одличен старт на реформата. Во текот на вчерашниот ден, според податоците од Мој Термин, 506 пациенти добиле терапија за своето хронично заболување од матичен лекар. Биле препишани 1.073 лекови. Со оваа реформска мерка, со која овозможивме терапијата која ја препишуваа специјалисти, сега да ја препишуваат матичните лекари, направивме суштински промени и унапредувања за пациентите и за здравствените работници“- истакна министерот Меџити.

Со новата реформска мерка пациентите со дијабетес, астма, ХОББ, намалена функција на тироидна жлезда и хипертензија, не мора да одат на Клиника за да им се продолжи или да им се препише хронична терапија, тоа може да го направат кај својот долгогодишен лекар, соопштуваат од Министерството за здравство.