Ескобар: САД ги гледаат како природни партнери оние коишто се посветени на евроинтеграциите, НАТО и борбата против корупција
Во одговор на новинарско прашање, Ескобар истакна дека во Скопје не е дојден за да врши какво било притисок врз кој било политички субјект, туку дека на средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ќе ги повтори пораките кои и во неколку наврати претходно ги има кажано...
САД ги гледаат како природни партнери оние што се посветени на европската интеграција, на НАТО и на борбата против корупцијата, порача заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски денеска во Владата.
Во одговор на новинарско прашање, Ескобар истакна дека во Скопје не е дојден за да врши какво било притисок врз кој било политички субјект, туку дека на средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ќе ги повтори пораките кои и во неколку наврати претходно ги има кажано.
„Нема никого да подложувам на тортура овде. Сакам јасно да посочам дека САД не избира влади во земјите на НАТО, меѓутоа поставуваме очекување и единствената работа за која ќе зборувам е да ја дадам истата порака којашто ширам во регионот – САД ги гледа како природни партнери оние коишто се посветени на евроинтеграциите, НАТО и борбата против корупција“, изјави Ескобар.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски вчера кажа дека Владата откако не успеала да испорача тоа што презела како обврска, оди по светот и ја моли меѓународната заедница да доаѓа во Скопје да прави тортура врз ВМРО-ДПМНЕ за да ги натера нејзините 44 пратеници да гласаат за уставните измени.
