САД

Трамп се предаде, плати кауција, па се врати дома

25.08.2023 13:46

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп се предаде во затворот во Џорџија за обвинението дека се обидел да влијае на изборите во 2020 година. Платил кауција од 200 илјади долари и се вратил во голф-клубот во Њу Џерси. Вели дека не направил ништо лошо...

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп им се предаде на властите во Џорџија. Беше приведен, доби полициска фотографија и влезе во полициската евиденција под обвинение дека со 18 соработници планирал да ја промени волјата на гласачите во Претседателските избори во 2020 година. По кусата процедура во затворот во Фултон и кауција од 200 илјади долари, набрзо со својот авион се врати во голф-клубот во Њу Џерси.

„Ние не направивме ништо лошо. Јас не направив ништо лошо. И сите го знаат тоа. Ова е нивниот начин на кампања и ова е еден пример, но имаме уште три други примери“, изјави Доналд Трамп поранешен претседател на САД.

Поради истите обвинувања, претходно се предадоа и поранешниот адвокат на Трамп и ексградоначалник на Њујорк, Рудолф Џулијани и ексшефот на кабинетот, Марк Медоус. Многубројни поддржувачи и луѓе кои се против неговата нова кандидатура за републикански кандидат за претседател на изборите во 2024 година со нетрпение ја очекуваа процедурата.

„Ова е супер. Ова покажува дека дури и ако имате пари и сета моќ и сте најмоќната личност во САД, не сте над законот и не сте над последиците. Се надевам дека нема да имаме друг Трамп“, изјави Дени, жител на Атланта.

„Тој човек ја подигна нашата економија. Не извлече од војните. Ни даде независност. Јас ќе се залагам за мојот претседател. Мислам дека тој повторно ќе ја води нашата земја. И јас сметам на него и се молам за нашата земја во моментов“, вели Марси Мозес, жител на Хјустон Тексас.

„Бидејќи оваа земја е премногу важна за да се изгуби, мораме да го имаме Доналд Трамп. Тоа е, Трамп или смрт“, изјави Дион Чини, поддржувач на Трамп од Њујорк.

Трамп е првиот поранешен претседател на САД кој се соочи со кривична пријава. Ова му е веќе четврто обвинение, а второ за влијание врз избори. Првото и најсериозно е дека го поттикнал упадот во Конгресот на 6-ти јануари 2021-ва година. Опфатен е и предметот за изнесување на доверливи документи од Белата куќа како и за исплата на пари од изборна кампања во замена за молк. Трамп сите обвиненија ги отфрла како политички мотивирани.

 

Маријана Димовска