Фудбалска треска пред СП во Бразил

22.05.2014 15:56

Звуците на бразилската самба како најава за големиот спектакл.

На дваесеттина дена пред почетокот на Светското, планетата ја тресе мундијалска треска. 32 репрезентации се во трка за фудбалскиот трон, кој љубоморно го чуваат Шпанците. Кариоките не признаваат ништо друго освен прво место, тука се неуморните Германци, креативните Холанѓани, фудбалските велесили: Аргентина, Франција, Италија, Португалија... БиХ, Хрватска и Грција се земјите од соседството кои обезбедија учество. Билетите сe целосно распродадени, а на 10-ти заминува и првата тура Македонци.

„Има голем интерес, но цените за нашиот, па дури и за европскиот стандард се многу високи. Имавме аранжман Загреб – Амстердам – Лисабон – Сао Паоло, на кој успеавме да протнеме и луѓе од Македонија кои ќе одат на Мундијалот. Цената за аранжман од 11 ноќи е 7.700 евра, додека за индивидуален аранжман, може за помалку натпревари да се постигне цена и до 4.000 евра„ – изјави Дејан Вељанов, генерален менаџер на туристичка агенција.

Македонија не учествува, но граѓаните сакаат фудбал. Кога аранжманите се скапи, тука е Националниот сервис.  

„Во живо ќе ги пренесуваме сите 64 натпревари, дури и кога ќе има по два натпреварa, од 18 и од 22 часот во тратата фаза од групата, потоа следуваат елиминациите, а се разбира дека ќе има и репризи од натпреварите кои се играат доцна, според нашата временска зона„ – изјави Тони Стојановски, уредник на Спортската редакција на МТВ1.

Нераскинлив дел од пасијата кон најважната споредна работа на светот е собирањето на албумот со сликички на Панини.

„Јас веќе го собрав албумотМене ми остана уште половинаСветското ќе го гледам со другарите“ – велат граѓани за МТВ.

Подготовките не одат мазно. Домаќинот грчевито се бори навреме да стигне со изградба на инфраструктура. Финалето ќе се игра на легендарната Маракана.

„Маракана е комплетно подготвена. Сега е модерен стадион, со безбедносен систем како на најдобрите стадиони, а користиме и соларна енергија“ – изјави Леонардо Еспиндола, владин претставник во Рио де Женеиро.

Во меѓувреме, илјадници граѓани излегоа на антивладини протести низ улиците во повеќе бразилски градови, незадоволни од тоа што се фрлаат пари за изградба на стадиони, наместо за изградба на болници или училишта. Зад демонстрантите застана и Пеле, бразилската фудбалска легенда.

 

Мартин Пушевски