Политика

Ескобар на средби со Ковачевски и Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ не го менува ставот

25.08.2023 14:41

Американскиот заменик- помошник државен секретар Ескобар категоричен-не сум дојден овде да вршам тортура против никого. И Ковачевски ги отфрла тврдењата дека Владата моли кај меѓународните дипломати за притисок за да поминат уставните измени. Опозицијата опстојува на ставот- ништо не е на маса, освен предвремени парламентарни избори, но сме за ЕУ и европските вредности, посочил Мицкоски на средбата во Американската амбасада…

Никого нема да го подложам на тортура. САД не избираат влади за земјите на НАТО, но поставуваме очекувања. Вака високиот американски дипломат Габриел Ескобар одговори на тврдењето на Мицкоски дека власта ги моли меѓународните партнери да вршат притисок врз ВМРО-ДПМНЕ да го смени ставот за уставни измени. Без да објаснува подетално, специјалниот претставник за Западен Балкан кусо одговори оти му е мило што во Собранието почнал процесот и се надева дека ќе продолжи.

„Нема никого да подложувам на тортура овде. Сакам јасно да посочам дека САД не избира влади во земјите на НАТО, меѓутоа поставуваме очекување и единствената работа за која ќе зборувам е да ја дадам истата порака којашто ширам во регионот – САД ги гледа како природни партнери оние коишто се посветени на евроинтеграциите, на НАТО и борбата против корупција“, изјави Габриел Ескобар, заменик- помошник државен секретар на САД.

Притисоци однадвор нема, тврди и премиерот Ковачевски. Вели дека иднината не смее да биде заложник на предизборни цели, а ЕУ е единствена алтернатива која обезбедува повисок стандард за граѓаните. Првиот човек во владата вели дека е рационален оптимист кога станува збор за евроинтеграциите, а американската дипломатија е силен поддржувач и партнер на земјава. Испрати порака до пратениците да не го сопираат процесот.

„Јас сум рационален оптимист. Пораката којашто повторно ќе ја упатам до пратениците во Собранието е дека тие се претставници на граѓаните. Пратениците треба да бидат дел од европската идеја за Северна Македонија. Тие се тие кои ја имаат одговорноста и честа да ги застапуваат граѓаните во Собранието и тие се тие кои утре ќе бидат запишани во историјата кои обезбедиле европска иднина на државата“, нагласи премиерот Димитар Ковачевски.

Во американската амбасада, Ескобар се сретна со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски. Изјави по средбата немаше, но во писмено соопштение од партијата наведуваат дека бил потврден ставот на Коалицијата за уставни измени. Мицкоски на Ескобар му предочил дека суштинската заложба и приоритет на ВМРО-ДПМНЕ е ЕУ и евроатлантските вредности.

„Претседателот Мицкоски потенцираше дека актуелната власт во Македонија за многу внатрешни политички прашања погрешно ја информира меѓународната заедница вклучително и САД. Воедно, претседателот Мицкоски укажа дека единствено решение за излез од една ваква исклучително тешка ситуација, се одржување на предвремени парламентарни избори на кои граѓаните ќе изберат влада со легитимитет“, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Посетата на Ескобар доаѓа во време на интензивни политички превирања околу уставните измени. Пред него, земјава ја посетија повеќе западни и европски политичари и дипломати кои испратија порака за поддршка на македонските евроинтеграции, но и повик да се направат неопходните уставни измени.

Анита Димитријевска – Велковска