Занаетчиство: Со сериозен пристап може да се заработи
Живее надежта дека рачната изработка на предмети ќе придонесе за економски развој...

Занаетчиската традиција продолжува. Живее надежта дека рачната изработка на предмети ќе придонесе за економски развој. Оние кои имаат желба и дарба, можат своето хоби да го претворат во професија.
„Филигранот стана една моја многу голема љубов. Така што се повеќе работам на усовршување на изработката со оваа техника“, вели Елена Поповска.
„Јас со изработување на накит се занимавам повеќе од десет години, меѓутоа во занаетчиството решив да пристапам пред неколку месеци, половина година, затоа што сметам дека кога човек ќе се регистрира регуларно во Занаетчиската комора добива огромна поддршка од занаетчиската комора“, објаснува Сузана Јовчевска.
Љубителите на филиграните, резбата, уметноста пред Занаетчиската комора имаа можност да ги видат најновите и најуникатните рачно изработени предмети. Деновите на занаетчиството е манифестација која се одржува десет години.
Никола Петров, претседател на Занаетчиската комора на Македонија вели дека занаетчиството е во подем.
„Родителите и децата увидоа дека со занаетчиството можат да си обезбедат егзистеницја за себе и за својата фамилија. Агенцијата за вработување става акцент на развој на занаетчиството и помага одржувајќи семинари за да се одржи кондицијата на занаетчиството“, вели Петров.
Иднината на занаетчиството е кај младите, тие треба да се занимаваат со овие струки бидејќи има недостиг од занаети како што се пластичари, часовничари, велат занаетчиите.
Сања Спиридонова
