Здравство

Работодавците со барања да се проверат боледувањата на вработените

25.08.2023 19:07

Работодавците со барања да се проверат боледувањата на вработени. Има пропусти во документацијата, велат од Фондот, инспекциите се зајакнати, но потребен е кадар за побрзо чешлање на предметите. Докторите со став – не е толку лесно да се даде боледување од ракав...

Дали се оправдани отсуствата на вработените од работното место со поднесен документ од доктор? Голем број на работодавци, бараат од Фондот да ги испита боледувањата. Оттаму признаваат дека пропусти се регистрирани, најчесто од технички аспект, а за злоупотребите надлежни се инспекторите и соодветна комисија во здравство. Но посочуваат дека и самите компании може да направат внатрешна ревизија ако се сомневаат во вакви неосновани отсуства од работа.

И медицинската фела вели, дека злоупотреби со боледувањата има. Докторите се веќе се свесни кога пациентите се обидуваат да манипулираат, бидејќи ја познаваат нивната здравствена состојба, смета доктор Ангелчо Андоновски. Тој е член на првостепената и второстепената Комисија за боледувања. Уверува се поретко се даваат вакви документи од ракав, контролите се ригорозни.

Доколку има пропусти при документацијата во боледувањата согласно законот се предвидуваат опомени, но и глоби кои се движат од 15 до 75 илјади денари. Од Фондот за здравствено осигурување во моментов велат, дека недостасува кадарот кој е клучен за побрзо постапување по предметите поврзани со боледувањата.

 

 

Викторија Милевска