Македонија

Средба Ковачевски – Памер: 30 години партнерски односи и богата секторска соработка меѓу Северна Македонија и Австрија

25.08.2023 19:14

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се сретна со новиот амбасадор на Република Австрија во земјава, Мартин Памер...

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се сретна со новиот амбасадор на Република Австрија во земјава, Мартин Памер. Премиерот Ковачевски посака добредојде и успешен мандат на амбасадорот Памер, нагласувајќи го очекувањето дека богатото дипломатско искуство на амбасадорот Памер и познавањето на регионот ќе придонесат за натамошно збогатување на одличните односи меѓу Северна Македонија и Австрија.

Заеднички е афирмирано силното и долгогодишно пријателство помеѓу двете земји, кои годинава одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатски односи. Посебно е нагласена успешната економска соработка, што ја докажува фактот дека Австрија е најголемиот странски инвеститор во нашата држава. На состанокот е разговарано за билатералните односи, но и за актуелни прашања од значење за перспективите на Република Северна Македонија и од регионален контекст.

Истакната е поддршката на Австрија за напредокот на Северна Македонија во евроинтеграцискиот процес, како пример на функционална, мултиетничка и мултирелигиска држава во Европа, којашто придонесува и за стабилноста во регионот и во Европа. Заеднички е констатирано дека сега е моментот да се продолжи напред, бидејќи македонските граѓани заслужуваат европски квалитет на живот и европска иднина.