Прилеп

Откриено првото погребување од неолитот во Пелагонија

26.08.2023 10:46

На неолитскиот локалитет Врбјанска ќука во Прилепско археолозите го открија првото погребување во Пелагонија од пред 8.100 години. Откриени се и бројни амбари, делови од голема фигурина и потврда дека овој неолитски локалитет е еден од ретките во Европа според наодите и е потврда на првите полјоделци во Пелагониско...

Остатоци од шестмесечно новороденче во фетусна положба се откриени во темелите на неолитска куќа на археолошкиот локалитет Врбјанска ќука во Прилепско и датираат од пред 8 100 години. Ова е прво неолитско погребување во Пелагонија и дел од ексклузивните наоди при најновите истражувања.

Ова е неочекувано, но фасцинантно откритие, велат археолозите.

И пронајдените остатоци од 8 амбари за чување жито ја зголемуваат ексклузивноста во наодите, зашто тоа досега не е забележано во ваквите населби на Балканот и во Европа. Се потврдува фактот дека тоа биле првите полјоделци во Пелагониско кои одгледувале житни култури, леќа, грашок и чувале добиток.

„Тоа е многу битен пресврт во човековата историја. Ние ги истражуваме најраните такви облици. Одгледувањето житарици и махунести растенија укажуваат на некои од најстарите во Европа“, изјави Амалија Сабанов, лабораторија за биоархеологија од Белград, Србија.

Оваа е осма година што се истражува неолитскиот локалитет Врбјанска ќука. Со акт од Управата за заштита на спомениците, локалитетот ќе се прогласи за заштитено културно наследство.

 

Елизабета Митреска