Македонската помош не застанува- нов конвој денска тргна за БиХ

22.05.2014 16:40

Амбасадорот Беговиќ вели дека со македонските власти интервенирале за поедноставување на царинските и шпедитерските процедури и дека помошта ќе стигне во Босна во најкус можен рок...

Од првиот повик до сега, 500 тони во храна, вода, хигиенски препарати, облека, постелнина им донираа македонските граѓани на поплавените. За Босна замина вториот конвој од пет шлепери.

Овојпат меѓу волонтерите сретнавме еден поранешен бегалец. Знае што е мака, па сака да биде од корист.

„На луѓе кои се во невоља, во мака секогаш треба да им се помогне, хуманоста не бира ни вера, ни нација ни боја, ни јазик, ништо“, вели поранешен бегалец од Југословенските простори.

Сортираа, пакуваа и товареа и вработените во босанската амбасада.

„На овој начин сакавме покрај секојдневните активности  да придонесеме дополнително за да му помогнеме на нашиот народ во тешките моменти за Босна и Херцеговина“, изјави вработена во амбасадата на БиХ во рм

Амбасадорот Беговиќ вели дека со македонските власти интервенирале за поедноставување на царинските и шпедитерските процедури и дека помошта ќе стигне во Босна во најкус можен рок.

„Имаме контакт со многу институции, компании и поединци од Макеоднија. Имаме многу добра соработка со државните институции, со министерот Јанакиески кој што е координатор на координативното тело“, нагласи Здравко Беговиќ, амбасадор на БиХ во Македонија.

Од црвениот крст уште еднаш замолија повеќе да не се донира облека оти ја има во изобилие.

„Следуваат новите активности на терен, а тоа е процесот на враќање на луѓето во нивните домови, а таа ситуација наметнува нови потреби“, вели генералниот секретар на Црвениот крст на Македонија, Саит Саити.

Градот скопје издвои три милиони денари за загрозените , а шесте Прокредит банки од регионот меѓу кои и од Македонија, отоворија посебен фонд и дадоа 550 илјади евра.

Преку телефонски линии македонските граѓани донираа близу 200 илјади евра за загрозените подрачја. Од Црвениот крст апелираат да не се донира облека, туку храна, вода и хигиенски прибор.

Спикерот Вељаноски се потпиша во книгата на жалоста во Амбасадата на Република Србија. Во писмото до босанскиот колега  изрази со чувство и жалење за загубите на семејствата на настраданите.

„Граѓаните на Босна и Херцеговина како блиски пријатели може да сметаат на поддршката и солидарноста на македонскиот народ“, порача Вељаноски.  

 

Фиљана Кока