САД

Бајден за Трамп: Го видов, згодно момче

26.08.2023 11:56

Прв коментар на американскиот претседател Бајден по апсењето на Трамп. Низ смеа рече дека на полициската фотографија видел згодно момче. Трамп неделава им се предаде на властите во Џорџија поради обвинението за обид за фалсификување на исходот од претседателските избори. По само неколку минути поминати во затвор, беше ослободен со кауција. Во меѓувреме, адвокат од Флорида поднесе тужба до судот со којашто му го оспори правото повторно да се кандидира во 2024 година...

„Згодно момче“ – американскиот претседател Џо Бајден низ смеа ја прокоментира фотографијата на неговиот претходник Доналд Трамп, направена при неговото апсење во Џорџија. Шефот на Белата куќа, кој летува на езерото Тахо се насмеа кога новинарите го прашаа дали ја видел сликата.

„Дали ја видовте фотографијата на Доналд Трамп?“

„Ја видов на телевизија.“

„И, што мислите?“

„Згодно момче, прекрасно момче.“

Трамп неделава им се предаде на властите во Џорџија поради обвинението за обид за фалсификување на исходот од изминатите претседателски избори во оваа сојузна држава, каде што тој загуби од Бајден. Трамп само неколку минути остана во затворот, бидејќи беше ослободен со кауција, но, веќе влезе во историјата како прв некогашен претседател што се појавил на полициска фотографија. Аналитичарите прогнозираат дека Трамп ќе ја искористи фотографијата во кампањата за новите избори. Тој останува на ставот дека бил уапсен, иако не направил никакво кривично дело.

Во меѓувреме, адвокат од Флорида поднесе тужба до судот со којашто го оспори правото на Трамп повторно да се кандидира за претседател на изборите во 2024 година. Тој се повика на 14 амандман од Уставот, според кој оние кои учествувале во бунт против владата не можат да бидат на функција.

 

Мартин Пушевски