Нигер

Хунтата во Нигер му нареди на францускиот амбасадор да ја напушти земјата

26.08.2023 12:35

Воениот врв кој пред еден месец ја презема власта во Нигер, на францускиот амбасадор му даде рок од 48 часа да ја напушти земјата. Пучистите го обвинуваат Париз за неоколонијалистичко однесување и дека во договор со администрацијата на претседателот Базум, Нигер добива минимални приходи од извозот на ураниум и други суровини со кои земјата е богата...

Воениот врв кој ја презема власта во Нијамеј, му нареди на францускиот амбасадор во Нигер во рок од 48 часа да ја напушти земјата. Франција, другите европски земји и САД вложија стотици милиони долари за опрема и обука за војската на Нигер.

„Хунтата го користи антифранцуското расположение кај населението за да ја зајакне својата поддршка. Велат дека сакаат да се свртат кон други партнери како Русија. Сакаат Вагнер да дојде. Мислат дека Вагнер би бил подобар партнер за нив од претходните партнери, како што се Франција и другите западни партнери кои имаат воен отпечаток во Нигер“, изјави новинар од западна Африка.

Во главниот град е релативно мирно, еден месец откако бунтовничките војници го соборија претседателот Базум.

„Улиците на главниот град на Нигер, Ниамеј се релативно мирни, но, под површината тензиите се зголемуваат. Ековас им постави ултиматум на новите воени лидери дека треба да го вратат на функцијата и да го ослободат претседателот Базум, кој е во домашен притвор. Назначија нова влада и рекоа дека ќе се вратат на уставното владеење во рок од три години“, изјави новинар од западна Африка.

Водачот на Хунтата на Нигер ги овласти трупите од Мали и Буркина Фасо да дојдат во нејзина одбрана доколку е потребно.

„Министрите на Буркина Фасо и Мали ја повторија солидарноста и поддршката на нивната земја за Нигер во однос на незаконските, нелегитимните и нехуманите санкции наметнати од Ековас и ЕУ месецов. Тие дополнително го повторија своето отфрлање за вооружена интервенција против народот на Нигер, која ќе се смета за објава на војна“, изјави Оумару Ибрахим Сиди, заменик генерален секретар на Министерството за надворешни работи на Нигер.

Нигер се сметаше за една од последните демократски земји под пустината Сахара со која западните земји би можеле да се здружат за да го победат бунтот поврзан со Ал каеда и Исламска држава.

 

 

Марина Ристова