Семејното насилство со континуирано висок тренд
Македонија континуирано одржува висока стапка на семејно насилство. Физичкото е најпрепознатливо, ама се почести се психичкото и економското, велат од невладините организации. На жртвите им требаат децении за да се одлучат да пријават и да заминат од домот на злосторникот. МВР потврдува високи бројки. Најчеста причина е родовата нееднаквост!

Почнало со лош збор и омаловажување, продолжило со психички терор, завршило со физички напад. Децениското злоставување на средовечна струмичанка завршило откако го пријавила својот партнер по брутален напад за банална расправија.
„Решив да не трпам повеќе!“-рече жртва на семејно насилство.
Одлуката не била ниту лесна, ниту едноставна, но жената ги надминала сите стравови и го пријавила насилникот. Кога побарала прибежиште во Шелтер центарот, слушнала многу слични приказни на својата.
„Веќе нема да му дозволам да си игра мајтап!“-рече жртва на семејно насилство.
Со овие жени разговорот не е лесен. Скршеното достоинство им ги меша емоциите, од срам, страв, болка и гнев, до сила да се издигнат над сè што претрпеле.
„Јас препорачувам на сите уште на почетокот да почнат да пријавуваат, затоа што после ќе се оболат!“, вели жртва на семејно насилство.
Според истражувањата на домашните и меѓународните фактори, Македонија две децении бележи висок тренд на семејно насилство. Дополнително загрижува фатот што ова е период во кој семејното насилство и законски е регулирано.
-517 кривични дела – пријавени 526 сторители, 476 мажи и 50 жени;
-150 прекршоци – пријавени 164 сторители, 133 мажи и 31 жена;
-2.255 поплаки – пријавени 2.292 сторители, 1.811 мажи и 481 жена.
Бројките од МВР го потврдуваат ова. Загрижувачки е податокот и за раст на бројката на фемициди во земјава. Од здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените, кои нудат бесплатна правна помош на жртвите, велат дека причините се познати.
„Основна причина за појава и опстојување на семејното насилство, како форма на родово базирано насилство е нееднаквата положба на жената во однос на мажот во семејството. Факти кои би можеле да донесат да ескалира и да се појави во одредена ситуација насилството можат да бидат сиромаштијата, алкохолот, меѓутоа родовата нееднаквост во суштина е основна причина за појава на семејното насилство и толеранцијата на истото од страна на општеството.“
Во Македонија, пред да се собере храброст за да се пријави, од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените велат дека тие прво мораат да го препознаат. Физичкото насилство е најсилната форма, но жените во државата сè почесто се соочуваат со и со психолошко и економско насилство кое најчесто останува непрепознато. Потребно е подигање на свеста и поддршката на овие жени кои трпат од страв дека нема да можат сами да продолжат најчесто поради економски причини, притоа не знаејќи дека системот не само што законски мора да ги штити, туку и постои начин да им се помогне до 20.000 денари додека да се снајдат по пријавувањето и излегувањето од домот на злосторникот.
Катерина Топалова
