Туризам

МОН да размислува за поместување на стартот на учебната година, бараат туристичките работници

26.08.2023 13:02

Наместо на 1-ви, учебната година треба да започне во средината на септември, смета туристичко угостителскиот сектор во Охрид. И просветните работници се сложуваат, велат временските прилики дозволуваат, а економскиот бенефит во локалната економија во туристичките центри ќе биде голем. Токму затоа МОН сериозно треба да размислува за поместување на стартот на учебната година...

МОН треба да размислува за поместување на стартот на учебната година, за да се продолжи летната туристичка сезона. Ова е дамнешно барање на туристичко угостителскиот сектор во Охрид. Наместо на 1-ви, учебната година треба да започне во средината на септември, се сложуваат и просветните работници.

Велат, временските прилики дозволуваат, а економскиот бенефит во локалната економија во туристичките центри ќе биде голем.

„Затоа што сите фактори тоа го кажуваат и образовниот, и туристичкиот фактор и економскиот фактор и метеоролошките временските поместувања кои ги имаме велат подобро е да се помести учебната година почетокот да биде околу 15 ти септември“, изјави професор Перчо Божиноски, заменик градоначалник на Охрид.

И хотелско туристичкиот сектор смета дека продолжувањето на летниот распуст ќе резултира со економски бенефит во туризмот.

„Септември сепак имаме убави топли денови за разлика од јуни кога уште езерото не е сосема топло, а плажите почнуваат од месец јули. Може да се разгледа како опција барано е тоа веќе подолг период, да се направи една стратегија. Би било добро да се одложи барем десеттина дена“, изјави Крсте Блажески претседател на ХОТАМ.

Оваа опција ја разгледуваше министерството за образование, но беше донесена одлука да се воведе пролетен распуст, на што следеа бројни реакции од јавноста.

„Би требало да се продолжи дваесеттина денови до месец дена, а со тоа ќе се продолжи туристичката сезона во Охрид. Како што имаме гости од Полска, Литванија, Србија, Црна Гора, Албанија итн. Нема да има никаква штета“, вели еден охриѓанец.

„Тоа многу добро ќе влијае, да се помести распустот. Се гледа дека имаме топло време, високи температури посетеност на градот. Тоа може да се искористи, мислам поволно ќе влијае“, вели друг охриѓанец.

Туристичките центри со бројни настани, манифестации и фестивали се обидуваат да ја продолжат летната туристичка сезона, но со стартот на учебната година значително се намалува бројот на туристи.

 

Соња Рилковска