Ескобар замина, позициите непроменети
Не барам поддршка за Владата, туку за европскиот пат на земјата. Заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален пратеник за Балканот, Габриел Ескобар во интервју за 360 степени откри дел од она што се разговарало на средбите во Скопје. Вели, не диктира услови, но, јасно ставил до знаење дека сад ги избираат за партнери оние кои регионот го приближуваат кон Европа. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски оцени дека средбата била конструктивна, но, ВМРО-ДПМНЕ остана на ставот да не даде поддршка за уставните измени. Власта тврди дека се разговара со поединечни пратеници од опозицијата, СДСМ предупреди дека не смее да се дозволи да стоиме заглавени во чекалницата на Брисел...

Граѓаните треба да одредат дали има потреба од нови избори – вели во интервју за 360 степени, заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар за барањето од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ за предвремено парламентарно соочување. Тој очекува граѓаните да ја разберат можноста којашто се наоѓа пред нив и која треба да ја искористат.
„Се надевам и дека ќе испратат сигнал до лидерите на Северна Македонија дека го сакаат тоа и дека го сакаат тоа брзо, дека го сакаат сега, за да можеме да почнеме да ја градиме таа структура за Северна Македонија да биде целосно и формално дел од секоја евроатлантска структура. Затоа што ние таму ве посакуваме“, изјави Габриел Ескобар.
И по средбата со американскиот дипломат во американската амбасада во Скопје, ставот на ВМРО-ДПМНЕ остана непроменет. Мицкоски вели дека состанокот, на којшто ги аргументирал нивните позиции и потребата од брзи избори бил конструктивен, но, партијата остана на ставот да не поддржува уставни измени за коишто смета дека се носат под бугарски диктат.
„Ако беше само до промена на Уставот, ќе бевме веќе таму во ЕУ. Колку пати го сменивме. Ова е само услов за почеток. Да јас се сложувам дека е да за почеток, а не за членство. Ќе има уште нови услови поради тоа што го прифати Владата и протоколот што го потпиша Бујар Османи. Ние ги почитуваме ставовите на нашите партнери, но бараме да бидат почитувани и нашите македонски националните интереси“, изјави Христијан Мицкоски.
СДСМ предупреди дека не смее да се дозволи земјава повторно да биде заглавена во чекалницата на Брисел, бидејќи блокадата не чини милијарди евра.
„Целосна европска интеграција не е само стратешка цел, членство во ЕУ е нашата единствена алтернатива и желба на граѓаните заради подобар живот. Македонските граѓани сакаат да живеат во ЕУ затоа што тоа значи подобар животен стандард, подобра инфраструктура, економски напредок, социјална правда, врвна демократија, подобро владеење на правото“, изјави Каевски.
Вицепремиерот Груби тврди дека власта секојдневно убедува пратениците да ги поддржат уставните измени.
„Имаме контакти, средби со партијата се гледаме во Собранието секојдневно се обидуваме да ги убедиме, иако јас знам, длабоко сум убеден ги познавам и тие сами знаат дека ова не и прави ништо лошо на нашата заедничка држава и се надевам дека ќе се најде начин не само со дел од пратениците туку со цела ВМРО-ДПМНЕ да одиме напред, а потоа, ако сакаат можеме истиот ден да го распуштиме Собранието и да одиме на предвремени избори уште на самиот ден кога ќе гласаме за уставните измени“, изјави Груби.
Ескобар за време на дводневните средби во Скопје, разговараше со претседателот Пендаровски, премиерот Ковачевски, министерот за надворешни Османи и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски.
Марина Стојанова-Тонева
