Расмусен: Прво решение за името па членство во НАТО

22.05.2014 17:02

Членството во НАТО е меѓусебен интерес и цврста определба на Македонија и на Алијансата...

Прво решение за името, па членство во НАТО, генералниот секретар на Алијансата Андерс  Фог Расмусен на заминување од функијата, во Скопје ја повтори веќе познатата позиција.

НАТО е посветен  на иднината на Западен Балкан, на неговата  стабилност и безбедност, порача тој.  Високо го  цени ангажманот на Македонија во зачувување на светскиот мир.

Со задоволство очекува Македонија што поскоро да стане членка, но членството според него бара реформи, тешки одлуки и храбро лидерство.

Прашан  зошто  се игнорира Хашката пресуда кога се инсистира на почитување на меѓународното право,  Расмусен со одговор.

„Пресудата која вие ја споменувате се однесува на билатералните односи помеѓу Атина и Скопје и не е применлива на НАТО. Одлуката што ја донесе НАТО во Букурешт беше колективна одлука на сите НАТО сојузници“, истакна Расмусен.

Се согласивме дека членството во НАТО  е меѓусебен интерес и цврста определба на Македонија и на Алијансата, порача премиерот  Никола Груевски.

Ја реафирмирав заложбата за нашето членство во НАТО. Македонија е стабилен партнер на Алијансата во многу  заеднички мисии. Со генералниот секретар, премиерот ја споделил и определбата на Владата за останување на реформскиот курс, а го информирал и за  текот на разговорите со јужниот сосед околу отстранување на последната пречка за  членството во НАТО.

„Ние ќе направиме максимални обиди што побрзо да изнајдеме решение за прашањето што го засега нашето членство во НАТО. Се надеваме дека и другата страна ќе вложи напор“, истакна премиерот Груевски.

Веднаш по пристигнувањето, Расмусен беше примен од шефот на дипломатијата Никола Попоски, а по пресот во Владата се сретна и со лидерот на ДУИ Али Ахмети.

 

Лидија Чакар