Охрид испишува уште една успешна туристичка сезона
Привршува месец август, но на Охридското Езеро сè уште летуваат голем број туристи. Очекувањата на Агенцијата за туризам се солидна исполнетост на брегот на Охридското Езеро до октомври. Странските туристи се воодушевени од Охрид, најмногу им се допаѓа природата, културно историското наследство, музеите но и традиционалната храна и гостопримливите домаќини...

На крајот на месец август Охрид сè уште исполнет со туристи. Главниот туристички центар испишува уште една успешна туристичка сезона.
Според статистичките податоци забележителен пораст на бројот на туристи има од Србија, Турција, Романија и други дестинации. Очекувањата на Агенцијата за туризам се исполнетост на брегот на Охридското Езеро до крајот на октомври.
„Најбројни се турските гости, австриските, холандските романските, германските туристи, а ги имаме и регионалните туристи. Веќе за 2024/2025 година работиме на концептот што подолго останување на странските туристи“, изјави Љупчо Јаневски, директор на АППТ.
Странските туристи се воодушевени од Охрид, најмногу им се допаѓа природата, културно историското наследство, музеите но и традиционалната храна и гостопримливите домаќини.
„Охрид е навистина многу убав, стигнавме утрово, прв пат доаѓаме: Посетивме цркви и џамии, прекрасно е“, вели гостинка од Турција.
„Историјата, културата, природата се е убаво“, вели туристи од Полска.
„Луѓето во Македонија се навистина љубезни и ни се допаѓа храната“, вели гостин од Полска.
Општина Охрид со бројни манифестации ова лето привлекува голем број туристи, завршува првиот фестивал на водени спортови.
„Девет дена фестивалот, седум дена се ноќните активности, целта е сите оние што ќе дојдат да бидат на еден или друг начин да бидат дел од фестивалот и да останат тука“, изјави Иван Цветкоски од „Ohrid Water Fest.“
2023 година Агенцијата за туризам очекува да се заокружи со над 3,3 милиони ноќевања и девизен прилив од над 530 милини долари во македонската економија од туристичката индустрија.
Соња Рилковска
