Убиства од омраза во Џексонвил
Во Америка повторно убиство од омраза. 20-годишен белец застрела тројца афроамериканци, двајца мажи и жена, во продавница во градот Џексонвил на Флорида. По крвавиот поход, самиот си пресудил. Мотивот за нападот бил расизам...

Америка повторно во грч, по најновото убиство од омраза. Маж застрела тројца Афроамериканци, двајца мажи и жена, во продавница во градот Џексонвил на Флорида. Убиецот бил белец на возраст од 20-ина години, кој по крвавиот поход се забарикадирал внатре во продавницата, а потоа самиот си пресудил и се самоубил. Шерифот на Џексонвил потврди дека мотивот за нападот бил расизам. Мета на злосторникот биле само припадници на афроамериканската заедница.
„Сите жртви се Афроамериканци. Но, сакам да бидам многу јасен дека нема никаков доказ дека убиецот и припаѓа на некоја поголема група. Знаеме дека дејствувал сам. Користел пиштол и пушка. Ова е црн ден во историјата на Џексонвил. Секоја загуба на човечки живот е трагична, но фактот што мотивот на убиецот била омразата е она што боли. Во нашата заедница нема место за омраза и ова не е Џексонвил“, изјави Т.К. Вотерс, шериф на Џексонвил.
Мажот претходно бил забележан во близина на тамошниот универзитет, но, откако обезбедувањето побарало од него да се легитимира, тој го напуштил кампусот, по што се префрлил на местото на злосторството. На оружјето на убиецот, кој на себе носел панцир, имало свастика, а истражните органи соопштија дека тој и претходно пишувал расистички написи и коментари. Шерифот откри дека имаат доказ оти повод за крвавиот пир била петтата годишнина од уште еден напад на Флорида.
„Гневен сум зашто некој доаѓа во твоето соседство и вели, ќе го направам ова и ќе се извлечам со злосторството. Но, овој човек не се извлече. Мртов е.“, изјави Рон Дејвис, локален жител.
Убиецот во 2016 година бил дел од случај за семејно насилство, а имал и досие од установа за третирање ментални болести. Тој пред нападот му испратил порака на неговиот татко да го провери компјутерот. Семејството откако дознало за неговата намера веднаш ја информирало полицијата, но, крвавиот пир веќе бил отпочнат.
Мартин Пушевски
