На повидок еколошка катастрофа во Полошкиот регион
На Полошкиот регион повторно му се заканува еколошка катастрофа. Жиро сметката на регионалното Јавно претпријатие „Русино-Полог“ е со блокирана сметка, со што се доведува во прашање тековното одржување на депонијата Русино, каде отпад депонираат деветте полошки општини. Од претпријатието велат дека останале со блокирана сметка оти должат кон фирмата оператор...

Полошките општини кои носат смет во депонијата Русино не ги подмируваат целосно обврските кон Јавното претпријатие Русино Полог, кое пак со празна каса не може да ја плати фирмата оператор, која ја одржува депонијата, за на крај да остане и со блокирана сметка.
Најголеми должници се Комуналните претпријатија на Гостивар, Тетово, Желино и Јегуновце, кои кон Јавното претпријатие должат над 11 милиони денари, изјави директорот Бесим Догани.
Пред неколку дена, Полошкиот регион беше под густ црн чад, откако се запали депонијата кај Волковија, чиј концесионер беше казнет од државниот инспекторат оти истата работела без стандарди.
Но, ова не е единствената депонија во Полог која работи незаконски.
Градоначалникот на Тетово Билал Касами, вели дека инспекторатот треба да биде поажурен и да врши почести контроли врз депониите, кои претставуваат голема еколошка закана.
За состојбата во јавното претпријатие Русино Полог и можните последици се информирани сите градоначалници од полошко кои должат кон претпријатието, но досега од нив нема никаков одговор.
Зоран Димовски
