Руско-Украински конфликт

Нови напади меѓу Киев и Москва

27.08.2023 12:49

Повторно немирна ноќ во Киев. Се огласија сирените за воздушна тревога. Украина ликвидираше четири руски крстосувачки ракети, соопштија воздухопловните сили. Русија пак тврди дека одбила напади со беспилотни летала. Во меѓувреме, продолжуваат дипломатските напори на Зеленски за меѓународна помош за долгорочна безбедност на земјата...

Уште една тензична ноќ во Киев. Сирените за воздушна тревога со часови не запираа. Украина ликвидираше четири руски крстосувачки ракети, соопштија воздухопловните сили. Ракетите биле лансирани од стратешки бомбардери. Русија пак, објави дека одбила напади со беспилотни летала на нејзина територија над регионот Брјанск, Курск, Белгород. Министерство за одбрана објави снимка од, како што тврди, оператори на беспилотни летала кои отвораат оган кон непријателска позиција во шумски појас, а упориштето, заедно со персоналот на вооружените сили на Украина, било уништено.

Во меѓувреме, продолжуваат дипломатските напори на Зеленски за меѓународна рамка насочена кон зајакнување на долгорочната безбедност на Украина и способноста на земјата да се брани од руската агресија. Украинскиот претседател вели дека повеќе од 20 земји им се придружиле на членовите на Групата седум во прогласувањето безбедносни гаранции.

„Нашиот тим продолжува да работи. Сега има вкупно речиси 30 земји, вклучувајќи го и Г7. Ќе има повеќе. Почнавме преговори со Канада за билатерален документ за безбедносни гаранции. Претходно почнавме преговори со САД и Обединетото Кралство“, изјави Володимир Зеленски, претседател ан Украина.

Поранешниот американски амбасадор во НАТО, како и поранешен специјален претставник на САД за преговорите за Украина, Курт Волкер вели дека падот на авионот на „Вагнер“ и смртта на Пригожин покажуваат многу лоши знаци за воените напори на Русија. Некои аналитичари пак веруваат дека смртта на шефот на приватната воена компанија е лажирана.

„Веќе пред претпоставениот атентат на Пригожин, силите на „Вагнер“ го напуштија бојното поле во Украина. Тие беа последните сили што направија територијални придобивки воопшто. Пирова победа и освојување на центарот на Бахмут, што навистина значеше многу малку. Оттогаш, Русија воопшто не може да добие никаква територија. Украинците полека напредуваат преку многу цврста одбрана, и се чини дека Русија не е способна воопшто да ги следи сите офанзивни цели во Украина“, изјави Курт Волкер, поранешен амбасадор на САД во НАТО.

Институтот за проучување на војната со седиште во САД соопшти дека тековната контраофанзива на Украина направи дополнителни придобивки во западниот дел на регионот Запорожје.

 

 

Маријана Димовска