Претседателот Иванов одржа предавање на Неаполскиот универзитет

22.05.2014 17:27

„Oд Taurisius до Constantinopolis – од Corpus Iuris Civilis до меѓународно право“ на оваа тема претседателот Ѓорѓе Иванов одржа предавање на неаполскиот универзитет Федерико Втори.

Ова е еден од позначајните италјански универзитети, високо образовна институција каде се школувале познатиот Свети Тома Аквински, Џордано Бруно, неколку италјански претседатели меѓу кои и актуелниот Наполитано.

На овој универзитет пред 45 години се отворил и  првиот лекторат по македонски јазик во светот. Во рамки на посетата беше потпишан и меморандум за разбирање помеѓу Правниот факултет „Јустинијан Први“ од  скопскиот Универзитет „Свети Кирил и Методиј“  и Универзитетот „Федерико Втори“.

„Очекуваме плодна соработка еден од најстарите универзитети во Италија“, рече министерот за образование Спиро Ристовски.

Синоќа Иванов оствари работна средба со претседателот на италијанскиот Институт за меѓународна трговија,  Рикардо Монти. На средбата присуствуваа повеќе претседатели на компании од финанскиско- банкарскиот, градежниот и енергетскиот сектор.

Иванов, нагласил дека Италија е еден од нашите најзначајни трговски партнери, ги претставил поволностите за инвестирање и изразил надеж дека италијанските компании ќе го пронајдат својот интерес за инвестирање во Македонија.

Инаку во рамки на посетата во ватиканскиот музеј се отвора изложбата „Словенски ракописи од Македонија од 13-ти до 19-ти век“ што е исклучително значајна поставка.

„Со овие оригинални ракописи се потврдува илјадагодишната традиција на писмениот  јазичен развој на Македонија. Се прикажува словенската писмена традиција, нејзината стандардизација од почетокот од страна на светите Кирил и Методиј во втората половина на 9-от век“, изјави министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска.

За одбележување е дека билетите за балетот „14 часа“ на Македонската опера и балет во Рим веднаш биле продадени.

 

Миле А. Ристески, специјален дописник на МРТ од Рим