Руско-Украински конфликт

Пригожин и официјално мртов, потврдила ДНК анализата

27.08.2023 15:09

И ракети и дипломатија. На војната во Украина не и се наѕира крајот. Русите го нападнаа Киев во стратешки бомбардери. Украинците користат дронови за удари преку границата. Зеленски преговара со Канада за безбедносни гаранции. Со ДНК анализа, потврдено дека лидерот на „Вагнер“ Пригожин загинал во авионската несреќа...

Руските власти и официјално ја потврдија смртта на шефот на приватната воена компанија „Вагнер“, Евгениј Пригожин. По направените генетски анализи на пронајдените тела, потврдено е дека идентитетот на загинатите одговара со списокот на патници кои летаа од Москва до Санкт Петербург. Кремљ демантираше дека има каква било поврзаност со несреќата. Покрената е кривична пријава за прекршување на правилата за безбедност и работење на воздушниот сообраќај.

„Како дел од истрагата за авионската несреќа во регионот Твер, завршени се молекуларните генетски испитувања. Според нивните резултати, идентитетот на сите 10 загинати е утврден, тие одговараат на списокот наведен во списокот на патници на летот“, изјави Светлана Петренко, портпаролка на рускиот истражен комитет.

Поранешниот американски амбасадор во НАТО, како и поранешен специјален претставник на САД за преговорите за Украина, Курт Волкер вели дека падот на авионот на „Вагнер“ и смртта на Пригожин покажуваат многу лоши знаци за воените напори на Русија. Некои аналитичари пак веруваат дека смртта на шефот на приватната воена компанија е лажирана.

„Веќе пред претпоставениот атентат на Пригожин, силите на „Вагнер“ го напуштија бојното поле во Украина. Тие беа последните сили што направија територијални придобивки воопшто. Пирова победа и освојување на центарот на Бахмут, што навистина значеше многу малку. Оттогаш, Русија воопшто не може да добие никаква територија. Украинците полека напредуваат преку многу цврста одбрана, и се чини дека Русија не е способна воопшто да ги следи сите офанзивни цели во Украина“, изјави Курт Волкер, поранешен амбасадор на САД во НАТО.

Сирените за воздушна тревога со часови не запираа и изминатата ноќ во Киев. Украина ликвидираше четири руски крстосувачки ракети лансирани од стратешки бомбардери, соопштија воздухопловните сили. Русија пак, објави дека одбила напади со беспилотни летала на нејзина територија над Брјанск, Курск, Белгород. Институтот за проучување на војната со седиште во САД соопшти дека тековната контраофанзива на Украина направи дополнителни придобивки во западниот дел на регионот Запорожје.

 

 

 

Маријана Димовска