И денеска продолжи борбата со огнените стихии кај Ајватовци
Продолжи борбата со огнените стихии. Пожарот кај Ајватовски рид и денеска активен. Откако се разгоре на два крака, ангажирани полициски и армиски хеликоптери и авиони за гаснење од воздух. Од земја интервенираат скопските пожарникари, месното население, доброволци од Свети Николе. Зафатена е голема површина, но имотите на луѓето и црквата се спасени...

Целовечерната борба со огнот кај Ајватовци продолжи и денеска. Пламените јазици повторно почнаа да голтаат сè пред себе, по што се донесе одлука да се интервенира од воздух со полициски хеликоптери и авион на Дирекцијата за заштита и спасување. Огнената стихија остави пустош зад себе.
Брдата кај Мршевци и Ајватовци претворени во пепел. Главната борба се водеше околу манастирот, но, со помош на пожарникарите и месното население се успеа да се спаси верскиот објект. Се користеле и цистерни кои се употребуваат за чистење септички јами, кои се полнеле со вода за да се гасне. Локалните жители сведочат дека цела ноќ се задушувале во чад. Силниот ветер ја зголемил заканата, но, за среќа, спасени се нивните имоти, како и репетиторот на врвот на селото.
Додека хеликоптерите и авионот гаснеа од воздух, скопските пожарникари, мештаните, но и доброволци од Свети Николе интервенираа од копно. Бригадата на главниот град ангажираше седум возила и над 25 пожарникари. Командантот Томевски вели дека се зафатени над 150 хектари нискостеблеста вегетација, грмушки, земјоделска површина, како и борова шума.
Тимовите со механизација направија пресеци за да спречи пожарот да се прошири кон Куманово.
Пожарникарите ја продолжуваат борбата – главна цел е огнот да не се доближи до куќите и имотите на жителите од Илинден.
Игор Панов
