Власта бара државничка одлука, опозицијата избори
Игра на нерви за уставните измени. Власта предупреди дека сега е време да се донесе одлука за европската иднина и да се искористи желбата на Брисел за правење пакет за проширување со неколку држави. Социјалдемократите бараат државничка одлука од пратениците. Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, власта повеќе нема легитимитет и единствен излез се предвремени избори...

Власта и опозицијата и натаму на првичните позиции за процесот за отворање на Уставот. За ВМРО-ДПМНЕ оваа тема е затворена, единствен излез се брзи, предвремени избори. Мицкоски единствено е подготвен за лидерска само доколку се разговара за термините. Социјалдемократите пак со став-се остава простор за дијалог, не треба да се испушти шансата за членство во ЕУ. Од опозициската партија со порака до Ковачевски дека тој и владата немаат легитимитет, дека треба да даде оставка и да се оди на избори.
Државата, институциите се пред историска шанса за крупен исчекор во евроинтегративниот процес. Важно е токму овој момент да се искористи оваа година и волјата на ЕУ да направи пакет за проширување со неколку држави, тоа е битно за граѓаните на Северна Македонија, ние како држава да влеземе токму во овој пакет за проширување, велат од СДСМ. Според партијата, колку и да се надева, на Христијан Мицкоски треба да му е јасно дека ДПМНЕ нема да победи на наредните парламентарни избори и дека нема да ја формира наредната влада, особено доколку го задржи антиевропскиот курс на својата политика.
„Нова преговарачка рамка нема да има и тоа им е јасно на сите, вклучително и на Мицкоски. Со глас за Европа сите политички субјекти во собранието имаат можност да ја покажат проевропската заложба на дело, сè друго е дејствување на штета на државата и граѓаните и одработување за интересите на туѓи центри на моќ“, потенцираат од СДСМ.
На средбите со власта и опозицијата, високиот американски дипломат со порака дека не бара поддршка за владата туку за европскиот пат. Тортура нема, ние не избираме влади, рече Ескобар. Засега е неизвесно кога спикерот Џафери ќе ја стави иницијативата за уставни измени на гласање пред пратениците, ниту пак се открива кој е крајниот рок и што доколку нема двотретинско мнозинство.
Милчо Велески
