Притвор за приведените во протестите во Ѓорче Петров
Снимките на МВР покажаа дека младите кои деновиве беснееја низ населбата Ѓорче Петров каменувале полицајци, палеле и уништувале се што им застанувало на патот...

8 дневен притвор им одреди судија од претходна постапка на петтемина кои заработија кривични пријави од полицијата за протестите во Ѓорче Петров. До доцна синоќа биле сослушани, а по разгледување на предлогот на обвинителството, им бил одреден притвор поради, како што велат од скопскиот кривичен суд, да не се дадат во бегство зашто станува збор за дело против јавниот ред и мир. Постои стравување дека можат да го повторат делото.
Кривичните пријави што ги поднесе МВР против петтемина се врз врз основа на прибраниот доказ и видео снимките. Осомничените, кои заработија притвор се од Аеродром, Бардовци, Ѓорче Петров и од Стајковци. Се товарат за сторено кривично дело „Учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“. Од 3 месеци до 3 години изнесува казната предвидена во кривичниот закон за вакво дело, додека за водачот на толпата предвидената казна затвор е од 5 месеци до 5 години.
Снимките на МВР покажаа дека младите кои деновиве беснееја низ населбата Ѓорче Петров каменувале полицајци, палеле и уништувале се што им застанувало на патот. Некои се осудија и да се соблечат пред полициските службеници.Според надлежните, сите потези оставаат сомнеж дека се инструирани да прават проблеми, а за тоа говори и фактот што пријавите од МВР се и за лица од други населби освен од Ѓорче Петров.
Полициските единици спречија повеќе млади насилно да се пробијат од Ѓорче Петров кон Сарај и Нерези со што можеше да дојде до поголем судир и инциденти, нешто што веројатно им било целта на организаторите на протестот. Оние кои хулигански се однесуваа и дивееја и удрија по полицијта и биле добро познати на МВР во минатото по нарушувањето на јавниот ред и мир.
Нате Гркова- Петрушевска
