Охрид

Охридските училишта подготвени за стартот на учебната година

28.08.2023 11:52

Охридските училишта подготвени за стартот на учебната година. Во континуитет се намалува бројот на ученици во Охрид, градските советници ќе носат одлука за формирање на паралелки под 20 ученици. Драстично е намален и бројот на првачиња во однос на лани. Главен фактор иселувањето и намалениот наталитет…

Охридските училишта подготвени за стартот на учебната година. Привршуваат градежните активности во дел од школите за подобрување на условите во образовниот процес.

Но во континуитет се намалува бројот на ученици во Охрид, па градските советници ќе носат одлука за формирање на паралелки под 20 деца.

„За 1-ви септември ќе биде се подготвено. Сите оние подготвителни активности кои што треба да се преземат се преземаат и учебната година како што е ќе започне на 01 септември подготвено“, вели професор Перчо Божиноски, заменик градоначалник на општина Охрид.

Професорите сметаат дека најголемиот предизвик и оваа учебна година ќе биде недостигот на учебници во училиштата.

„Апелирам што поскоро да се испечатат учебниците и да стигнат во училиштата кај учениците, напоредно и со дигиталните учебници кои што беа заложба на сегашната влада. Без печатени учебници образовниот процес не смее да се замисли“, вели професор Перчо Божиноски, заменик градоначалник на Охрид.

Поради иселувањето и намалениот наталитет драстично е намален бројот на првачиња и во Охрид и во Струга. Во охридските училишта годинава се запишани 445 првачиња или 94 помалку од лани, кога во прво одделение тргнале 539 деца. Додека во соседна Струга, се запишани педесет помалку од минатата година, односно 496 првачиња, а лани биле 548.

 

Соња Рилковска