Зеленски: Следната година се можни избори
Украинскиот претседател Зеленски наговести дека е можно да се одржат избори во земјата следната година, се надева дека САД и Европа ќе обезбедат финансиска поддршка. Луѓето на североисточната линија на фронтот во Украина ги игнорираат повиците за евакуација. На терен борбите продолжуваат...

Украинскиот претседател Зеленски наговести дека е можно да се одржат избори во земјата следната година, но дека ќе биде потребна финансиска поддршка за време на војна. Тој порача дека нема да земе пари наменети за оружје за да ги троши за одржување избори и се надева дека САД и Европа ќе обезбедат финансиска поддршка.
„Им реков: Ако САД и Европа ни дадат финансиска поддршка. Извинете, нема да правам избори на кредит, нема да земам пари од оружје и да давам на избори. Но, ако ми дадете финансиска поддршка, ако парламентарците сфатат дека треба да го направиме ова, тогаш брзо да го смениме законодавството и што е најважно, заедно ќе ризикуваме“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Украина тврди дека има повеќе придобивки по должината на јужната линија на фронтот додека на истокот беснеат тешки борби.
Во Купјанск и Лиман, Русите се регрупираа во обид да ги искористат единиците за воздушен напад.
Луѓето на североисточната линија на фронтот во Украина ги игнорираат повиците за евакуација. Украинските медиуми претходно објавија дека во Криви Рог се слушнале експлозии.
„Секако дека сме загрижени, но не можам да кажам дека овде има силно гранатирање. Подалеку – да, ги слушаме, слушаме и сирени. Веројатно се навикнавме сето ова време. Јас сум медицински работник, останавме многу малку овде. Затоа, со мојот сопруг решивме да останеме овде“, рече жител на Купјанск.
„Луѓето се нервозни. Некои сакаат да заминат, некои не. Не можат да спијат ноќе бидејќи е многу гласно. Порано беше многу потивко. Сега заминуваме, но сестра ми со сопругот реши да остане. Размислуваат да ја исчистат градината и потоа можеби да одат во Харков“, вели жител на Кившаривка.
Украина уништила две руски ракети откако руските сили извршиле напад со ракети од море и од воздух.
Русија соборила украинско беспилотно летало во правец кон Москва во раните утрински часови. Инцидентот накратко ги прекинал летовите над главниот град. Властите објавија информации за повеќе од десетина обиди за напади со беспилотни летала врз Москва во последниот месец.
Марина Ристова
