Православните христијани денеска го слават Успението на Пресвета Богородица
Православните христијани денеска го слават Успението на Пресвета Богородица, кај народот познат и како голема Богородица, празник на мајката на животот. Поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска архиепископија, Архиепископот Охридски и Македонски г.г Стефан чиноначалствуваше со Светата божествена литургија во манастирот Успение на пресвета богородица во Матка. Празникот се слави и во останатите православни храмови низ земјава...

Православните христијани го чествуваат, Успението на Пресвета Богородица еден од најголемите христијански празници, мајката на спасителот Исус Христос. Мајката божја има значајно место во Македонската Православна Црква, означувајќи го вековното место во животот на верниците. Поглаварот на МПЦ-Охридска архиепископија побара да се зачува клучното место на жената-мајка во одгледувањето и воспитувањето на новите генерации.
Народот верува дека Богородица е заштитничка на леунките, жените, децата, рударите, на родност и плодност на земјата. Верниците на овој ден го одбележуваат Успението на Богородица со посета на храмовите и во кругот на семејствата.
Православното почитување на Марија-Борогодица е широко распространет во целата земја, па речиси и да нема место во Македонија кадешто нема црква и манастир посветен на мајката божја.
Верниците покрај голема Богородица, ја слават и мала Богородица на 21-ви септември. Периодот меѓу двата празника посветени на мајката божја, е најдобар период за берење плодови и лекови билки. Луѓето одат и на изворите кои според народните верувања се лековити.
Успението на Пресвета Богородица е празник којшто го чествуваат сите христијани. Богородица е и заштитничка на градот Скопје.
Ирина Гелевска
