Бледски стратешки форум

Мишел: До 2030 година ЕУ треба да биде подготвена за ново проширување

28.08.2023 17:15

Клаузула за доверба-ова е предлог на претседателот на Европскиот совет на Бледскиот форум, со што не би требало да се дозволат блокади на земјите кандидатки за членство во Унијата. Премиерот Ковачевски верува дека мнозинството граѓани се за членство во Европската унија. Имате внатрешни проблеми, можеме да разговараме за исполнување на договореното-му порача бугарскиот колега Денков...

ЕУ мора да биде подготвена да ги прифати новите земји членки до 2030-та, изјави претседателот на Европски совет Шарл Мишел на Бледскиот безбедносен форум. Паралелно и земјите кандидатки треба да ги исполнат критериумите за владеење на правото, добрососедските односи, истакна претседателот на Европскиот совет. Мишел предлага да се воведе клаузула за доверба, земји што веќе се членки да не можат да го блокираат членството на земјите-кандидатки.

80 насто од граѓаните се за ЕУ, но исто така се обесхрабрени и од блокадите што доаѓаат една-по-друга од земјите членки, посочи премиерот Ковачевски на Бледскиот форум.

Треба да седнеме да разговараме и да ја искористиме шансата во наредните неколку месеци за исполнување на уставните промени, оцени бугарскиот премиер Денков, навраќајќи се на односите со Македонија.

Домаќинот, словенечкиот премиер Голоб порача – моментумот за проширување има тотално нова перспектива. Работите се менуваат брзо. Уверува дека во наредните 12 месеци процесот на проширувањето не само што ќе има нов поттик, ќе има и нов изглед.

 

 

Наташа Гркова-Петрушевска