Украина

Зеленски: Ќе почнеме да градиме артилерија по стандардите на НАТО

29.08.2023 12:43

Украинскиот претседател Зеленски изјави дека военото производство на Украина е неколкупати пати повеќе од претходно, и дека е според стандардите на НАТО...

Руската воздушна одбрана соборила три украински беспилотни летала над регионот Тула, јужно од Москва и областа Белгород кој се граничи со Украина. Главниот град и другите руски региони беа цел на серија напади со украински беспилотни летала. Украинскиот претседател Зеленски изјави дека военото производство на Украина е неколкупати пати повеќе од претходно, и дека е според стандардите на НАТО.

„Произведувавме и продолжуваме да произведуваме различни проектили. Нашата војска ги одобрува и сака уште повеќе. Но, не можете ни да замислите колкаво количество произведуваме. Што се однесува до артилерија, ќе почнеме да градиме артилерија со стандард на НАТО, која таа никогаш не постоела во Украина. Сега имаме артилерија од домашно производство која денес е на бојното поле“, изјави Володимир Зеленски - претседател на Украина.

Зеленски рече и дека военото разузнавање ги открило руските планови и предупреди дека со нив ќе се постапи „на начин на кој тие не очекуваат“.

„Имаме извештај на шефот на одбранбеното разузнавање на Украина за плановите на окупаторите. Ќе одговориме на нивните намери. Ќе го сториме тоа на начин кој не го очекуваат“, изјави Володимир Зеленски - претседател на Украина.

Стотици ужалени се собраа во Киев на погребот на пратеникот на градскиот совет во Киев и заменик-шеф на украинската доброволна армија полковник Серхи Сокол Илницки. Тој беше убиен во битка со руските трупи кај Бахмут.

„Тој секогаш беше пример за сите нас во сè, во воените работи, во храброста, во вниманието. Никогаш не сум сретнал таков човек на фронтот, кој командувал и бил пример, во секакви тешки ситуации, тој го земаше кормилото во свои раце и одеше во битка со нас“, рече украински војник.

Според извештаи на неименувани американски официјални лица повикувајќи се на очевидци од терен, бројот на загинати Украинци расте. Украина не објавува официјални податоци за своите загинати – вооружените сили на Украина, велат дека бројките за воените жртви се државна тајна.

 

Марина Ристова